Почетна » Семејство » Дете » Научете го вашето мало дете да ви помага низ домот

Научете го вашето мало дете да ви помага низ домот

Сигурно многупати сте си помислиле колку полесен би ви бил животот доколку вашите деца сами би извршувале дел од домашните обврски, бидејќи така нема да губите скапоцено време средувајќи ги работите кои тие ги растуриле. Добрата вест е што тоа може да се постигне, а освен вам, ќе му помогне и на вашето дете да стане поодговорно.

Учењето на детето да ги исполнува своите домашни обврски треба да започне од најрана возраст. Многу мајки свесно не им дозволуваат на децата да помагаат додека се мали, затоа што сметаат дека ги оптоваруваат непотребно. Тоа е голема грешка од неколку аспекти. Од една страна децата имаат потреба да почувствуваат дека се корисни и дека придонесуваат во семејството, а од друга, со вклучувањето во домашните активности тие стекнуваат навики кои ќе им помогнат подоцна во животот.

Ќерка ѝ помага на мајка си

Која е најраната возраст на која детето може да помага?

Детето може да започне да помага во домот веднаш штом ќе прооди. Дури и најмалите можат да ги собираат своите играчки или да ја ставаат валканата облека во корпата за алишта. Не чекајте вашето дете да порасне за да му дадете обврски поврзани со домот. Кога ќе порасне, детето веќе има изградено свои навики и ќе знае дека има кој да трча по него, па ќе ви биде многу потешко да го натерате да се вклучи.

Сигурно се прашувате од каде би знаело вашето дете што треба да прави. Одговорот е: од вас. Додека е мало, тоа постојано ве набљудува и кога ќе може само да се движи, тоа започнува да ве имитира. Не го спречувајте кога сака да направи нешто што го видело од вас, дури и ако не го прави правилно. Понекогаш може вие да му дадете некаква задача, но внимавајте таа да одговара не само на неговата возраст, туку и на неговите можности. Запомнете дека детето најдобро учи преку пракса, т.е. исполнување на задачите.

Обврски соодветни за деца на возраст од 2-3 години

  • Собери ги играчките;
  • Подреди ги боенките;
  • Избриши го истурениот сок;
  • Помогни ми да го наместиме креветот;
  • Помогни ми да ја нахраниме мачката.

Обврски соодветни за деца на возраст од 4-5 години

  • Намести чинии и прибор на масата;
  • Однеси ги чиниите во мијалникот;
  • Здипли ги крпите;
  • Раздели ги чорапите во парови;
  • Избриши прашина над книгите;
  • Измиј го овошјето;
  • Намести го креветот.

Зошто е важно да го научите вашето дете да ви помага?

Помошта од вашето дете не е добра само за вас, туку и за него. Исполнувајќи ги домашните обврски, тоа ќе се научи на одговорност, организираност и самодисциплина, што ќе му биде од голема помош кога ќе дојде време да стане посамостојно.

Исто така, за детето многу е важно да знае што се очекува од него во домот, да почувствува дека е корисно и дека е способно да им помага на другите. Постепено, преку извршувањето на неговите обврски, вашето дете ќе научи што сè треба да се направи за да функционира едно домаќинство.

Како да го мотивирате вашето дете да ви помага?

За да го натерате вашето дете да ви помага, треба да го мотивирате. Еве неколку совети како да го направите тоа:

  1. Играјте игри. Ако вашето дете е мало, тоа преку помагањето сака да игра, додека поголемите деца сакаат да знаат дека работат рамноправно со останатите во куќата. За да го научите вашето дете да помага преку игри, можете да му предложите да се натпреварувате во тоа кој побрзо ќе ја исполни својата задача. Друга варијанта е да му дозволите да ја игра омилената игра, но само откако ќе исполни одредена обврска (на пример, собирање на расфрланите играчки, подредување на боенките и сл.)
  2. Вклучете се во исполнувањето на обврските. За да ја зголемите мотивацијата кај вашето дете, вклучете се и вие. На почетокот демонстрирајте му чекор по чекор како треба да ги извршува своите обврски. Потоа, дозволете му да ви помогне. Кога ќе видите дека може да се справи само, дозволете му самостојно да ја сработи задачата, а вие само надгледувајте го. Откако ќе се усоврши во исполнувањето на обврските, оставете го само да покажува што знае и умее.
  3. Направете да му биде интересно. Не му давајте секој ден исти задолженија, за да не му станат монотони и рутински. Кога ќе совлада една задача, веднаш поставете му нова. Само преку разнообразни задачи вашето дете ќе учи нови работи и ќе стекнува нови навики.
  4. Не го казнувајте. Не смислувајте казни за лошо завршената работа, затоа што тие во никој случај нема да ви бидат корисни. Напротив, тие можат да доведат до создавање на одбивност кај детето кон домашните обврски.
  5. Пофалете го и наградете го. Кога ќе видите дека вашето дете ги исполнува обврските или дека се труди да ги исполни, не пропуштајте да го пофалите. Пофалните зборови им делуваат стимулативно на децата, а често им значат повеќе од паричните награди. Паричните награди не се препорачуваат за многу мали деца, затоа што не се доволен мотив за нив и може да одбијат да ги извршуваат обврските.
  6. Бидете јасни и конкретни. Не му давајте двосмислени или премногу општи задачи кои можат да го збунат, како „Расчисти“. Кажете што конкретно треба да расчисти („Намести го креветот“ или „Стави ги алиштата во плакарот“) и наведете рок во кој треба да ја исполни задачата. На овој начин детето ќе научи и да го планира своето време.
  7. Кога вашето дете ќе научи да чита, направете список со задачите. Избегнувајте ги долгите задачи кои ќе му скратат од времето за играње.
  8. Поставете си разумни очекувања. Не очекувајте дека вашето дете одеднаш ќе стане најодговорното дете на светот, па не си поставувајте преголеми очекувања. На почетокот резултатите нема да бидат совршени, но со тек на време тие ќе се подобруваат.
  9. Постепено зголемувајте ги обврските. Како што расте вашето дете, така станува повешто во исполнувањето на домашните должности, па со неговото растење, треба да растат и неговите задачи и обврски во домот. Но, немојте да му давате премногу обврски за да не го збуните или обесхрабрите.

Пред да започнете да го учите вашето дете на обврски низ домот, треба да знаете дека многу често неуспешните обиди можат да ви отворат двојна работа, но мора да бидете трпеливи и да не се откажувате по првиот неуспешен обид. Само така од вашето дете ќе изградите одговорна личност која навремено ќе ги исполнува своите обврски.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20944 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.