Чоколадното фонду е една од најдобрите идеи за десерт. Одлично ќе се вклопи во вашата романтична вечера или пак можете да го искористите за да ги изненадите вашите пријатели.

Терминот „фонду“ потекнува од францускиот глагол fondre (да се топи) или fondu (стопено). Постојат различни видови на фонду, најчесто направени од сирење или чоколадо.
Состојки
200ml | слатка павлака |
350g | рендано чоколадо |
2 ч.л. | бренди, рум, Irish Cream, Kahlua или друг ликер (не е задолжително) |
мали парчиња овошје (јагоди, јаболка, банани) |
Подготовка
- Во мало тенџере или поголемо ѓезве ставете ја слатката павлака и оставете ја да се загрее на умерена температура. Потребни се околу 2-3 минути (не треба да достигне точка на вриење).
- Тргнете ја павлаката од оган и со неа потурете го ренданото чоколадо. Оставете го чоколадото 3 минути за да омекне.
- Растопете го чоколадото со мешање. Треба да добиете хомогена смеса.
- Доколку чоколадото не се растопи убаво (зависи од типот на чоколадо што го користите), растопете го на пареа. Ако немате соодветен сад за готвење на пареа, користете обично тенџере. Препорачливо е или тенџерето да го држите во воздух над жешка рингла или ринглата да е загреана на минимална температура и да го ставите директно врз неа.
- Во растопеното чоколадо ставете ги двете лажички ликер или алкохол по избор и повторно промешајте.
- Послужете веднаш по приготвувањето, додека е топло.
Дополнително: по желба, во чоколадното фонду можете да додадете исечкани бадеми, ореви или лешници.

Чоколадното фонду не само што е еден од најдобрите десерти, туку е и едноставно и брзо за приготвување, а вкусно и забавно за јадење.