Почетна » Рецепти » Популарни јадења » Еклери со чоколаден прелив

Еклери со чоколаден прелив

Еклер со чоколаден преливЕклерот е еден од најпознатите француски десерти, a сигурно знаете зошто.
Еклер со чоколаден прелив Еклер со чоколаден прелив и чоколадни трошки Еклери со различен фил

Името „еклер“ доаѓа од францускиот збор éclair што во превод значи молња. Како што можете да приметите, нема никаква логика во избраното име, па ни историчарите не се сигурни за неговото потекло. Но, сите ние сме сигурни дека французите знаеле што прават и тешко дека постои некој што може да остане рамнодушен кон ова слатко задоволство.

Ако сакате да се почестите или пак да ги израдувате вашите најблиски со вкусен десерт, еве едноставен начин да направите еклери. Од една страна ќе бидете сигурни дека ќе избегнете труење, а од друга – јадењата се секогаш повкусни кога самите ќе ги приготвите.

Состојки

Тесто:

200mlвода
125gмаргарин (½ коцка)
1 шолјабрашно
5јајца
2 ч.л.сол

Фил:

500mlслатка павлака (хопла)
200gшеќер
20gванилин шеќер (2 кесички)

Прелив:

150gчоколадо за готвење
60gмаргарин (¼ коцка)

Инструкции за приготвување

Ставете мало тенџере на среден оган. Додајте ја водата, маргаринот и солта. Оставете водата да зоврие.

Во зовриената вода ставете го брашното и убаво мешајте со дрвена лажица на тивок оган, сè додека не добиете хомогено тесто што ќе почне да се одделува од ѕидовите на садот. Преместете го тестото во друг сад и оставете го настрана да се олади.

Во меѓувреме, пригответе го филот. Во голем сад ставете ја слатката павлака, шеќерот и ванилиниот шеќер. Убаво изматете или мешајте со миксер, додека не добиете густ фил. Покријте го садот со фолија и ставете го во фрижидер.

Во претходно изладеното тесто, додајте едно јајце. Убаво промешајте ја смесата, па додајте го наредното јајце. На ваков начин додавајте ги едно по едно и преостанатите јајца, притоа постојано мешајќи. Треба да добиете хомогена еластична смеса.

Со смесата наполнете готварски шприц и користете го најголемиот отвор за шприцот. Врз плех обложен со хартија за печење, направете 9 цилиндри долги околу 15cm, а широки околу 3cm. Во текот на печењето еклерите ќе го зголемат својот волумен, па затоа оставете простор меѓу нив. Ставете ги да се печат 25-30 минути во претходно загреана рерна на 190°C. Откако ќе се испечат, исклучете ја рерната и сосема малку подотворете ја. Исклучително важно е да ги оставите еклерите да се изладат внатре во рерната.

Додека еклерите се ладат, пригответе го преливот. Растопете ги на пареа чоколадото и маргаринот. Ако немате соодветен сад за готвење на пареа, можете да ги растопите на тивок оган, притоа постојано мешајќи.

Откако еклерите ќе се изладат, расечете ги хоризонтално со остар нож од едната страна. Со лажица наполнете ги со приготвениот фил. За крај, секој еклер прелијте го со течното чоколадо.

Совети

  • Тајната на еклерите е во печењето. Не се искушувајте да ја отворите рерната за време на печењето и задолжително оставете ги еклерите да се изладат во малку подотворена рерна, без да ги вадите. Ако вратата од вашата рерна не може да стои подотворена, употребете капаче од тегла.
  • Ако сакате побогат вкус, користете пудинг од ванила за фил.
  • За да добијат блескава златна боја, пред да ги ставите еклерите да се печат, премачкајте ги со малку јајце.
  • Експериментирајте. Користете пудинг со вашиот омилен вкус или наполнете ги еклерите со ваш домашен фил. Врз чоколадниот прелив можете да посипете чоколадни трошки или ситно исечкани бадеми.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20783 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.