Деми Ловато во изминатиов период стои подалеку од медиумите со добра причина. Славната пејачка е фокусирана на добросостојбата откако пред осум месеци за малку ќе го изгубеше животот како последица на предозирање.
26-годишната музичка ѕвезда им се обрати на фановите на Instagram за да испрати моќна порака за критиките насочени кон нејзиниот изглед.
Штом дозна дека новинар напиша новост со наслов во кој потенцираше дека Деми сега има „пополна фигура“, таа се огласи: „За разлика од порано, не сум лута и не сум вознемирена што некој напиша наслов за мојата ‘пополна фигура’. Гневна сум што луѓето мислат дека е во ред да пишуваат наслови за формите на телото на луѓето. Особено за жена која била многу отворена дека се опоравува од нарушување во исхраната. Не сум вознемирена за себе, туку за секој што може лесно да биде повлијаен од културата за диети.“
„Премногу луѓе денес ја определуваат нивната идеална телесна тежина според она што ДРУГИТЕ ни го кажуваат за тоа како треба да изгледаме или колку да тежиме. Ако го читате ова: Не ги слушајте негативните разговори за диететската култура. Вие сте повеќе од бројка на вагата. Јас сум повеќе од наслов за формата на моето тело.“
По објавата, новинарот Фабио Магнокавало веднаш реагираше и ѝ се извини на Ловато.
Музичката ѕвезда неколкупати беше фотографирана од папараци пред и по нејзините тренинзи.
Деми со години се бореше во зависност од дрога и алкохол, ментални растројства и нарушување во исхраната. Во 2010 година таа беше лекувана за биполарно растројство, булимија, самоповредување и зависност од алкохол и дрога.
По предозирањето минатата година, кое ја стави на работ на смртта, Ловато повторно се препушти во рацете на експерти за да остане трезна.