Во Шведска вчера се одржа традиционалниот гламурозен банкет по повод доделувањето на Нобеловите награди.
Над 1.000 гости присуствуваа во грандиозната сала во Стокхолм, која беше украсена со илјадници розови и црвени цвеќиња донирани од Сан Ремо, италијанскиот град каде почина шведскиот научник Алфред Нобел.
Покрај добитниците на престижните награди, почесни гости на церемонијата беа членовите на шведското кралско семејство.
Принцезата Викторија избра креација на едно рамо од H&M украсена со златни детали. Својот изглед, 39-годишната престолонаследничка го надополни со блескавата тијара Napoleonic Steel Cut Tiara, обувки од Gianvito Rossi и чантичка од Malene Birger.
Таа беше придружувана од професорот Џон Мајкл Костерлиц, еден од добитниците на Нобелова награда за физика.
Принцезата Меделин шармираше во розова креација и тијарата Connaught Tiara. 34-годишната принцеза чекореше покрај Данкан Холдејн, еден од добитниците на Нобелова награда за физика.
Принцезата Софија привлекуваше внимание во раскошен фустан во зелено-смарагдна боја од House of Dagmar, кој го надополни со блескава тијара.
Таа се појави заедно со добитникот на Нобеловата награда за хемија, Жан-Пјер Соваж.
Кралицата Силвија блескаше во сребрен фустан. На својот стајлинг, 72-годишната кралица додаде впечатлив накит и крунa.
На големата сцена, претставничките на кралското семејство беа придружувани од кралот Карл XVI Густаф и принцот Даниел.
Подоцна се одржа и свечена вечера во кралската палата, за која Викторија се пресоблече во фустан од Џени Пекам, Меделин избра креација од Валентино, Софија носеше розов минималистички фустан од Stylein, додека кралицата Силвија се појави во црвена креација.
Боб Дилан беше избран како добитник на Нобеловата награда за литература, но 75-годишниот музичар и писател не се појави на свеченоста да ја прими наградата.