Дона Стрикленд е меѓу тројцата научници кои оваа година станаа добитници на Нобелова награда за физика. За првпат по 55 години, жена е лауреат на оваа престижна награда.
Канадската физичарка влезе во историјата како третата жена која е почестена со ова високо признание.
Дона, Жерар Муру и Артур Ешкин беа наградени за нивните достигнувања во областа на ласерската физика.
Признанието им е доделено на Дона и Жерар за нивниот метод за генерирање на високо-интензивни и ултра-кратки оптички импулси што се применуваат во корективната очна хирургија.
Ешкин беше награден за развивањето на ласерска техника, позната како оптичка пинцета со чија помош се проучуваат биолошките системи. Воедно, со своите 96 години, тој е и најстариот добитник на Нобелова награда во историјата.
Тројцата лауреати ќе поделат премија од девет милиони шведски круни.
Стрикленд изјавила дека не знаела дека има само две жени пред неа кои ја добиле оваа награда, но е среќна што им се придружува. „Мора да ги славиме жените физичари, бидејќи ние постоиме. Среќна сум што сум една од тие жени“ – изјавила таа.
Марија Склодовска - Кири е првата жена добитничка на оваа награда. Таа во 1903 година беше избрана за лауреат како признание за исклучителниот придонес во истражувањето на феноменот на радиоактивноста. Кири е единствениот добитник на Нобеловата награда во две различни области на науката – физика и хемија.
Марија Геперт - Мајер во 1963 година стана втората добитничка во оваа категорија за предлагање на слоестиот модел на атомското јадро.
Церемонијата на доделување на наградите на лауреатите, традиционално ќе се одржи на 10 декември, на денот на смртта на основачот на Нобеловите награди, Алфред Нобел.