Харназ Санду е новата Мис Универзум. Претставничката на Индија ги победи останатите 79 натпреварувачки и ја освои посакуваната круна на свеченоста која се одржа во Ејлат, Израел.
21-годишната Санду е актерка и модел, а моментално учи на магистерски студии за јавна администрација.
„Сметам дека најголемиот притисок со кој се соочуваат младите денес е да веруваат во себе. Знајте дека вие сте уникатни и дека тоа ве прави убави. Престанете да се споредувате себеси со другите и ајде да зборуваме за поважни нешта кои се случуваат ширум светот. Ова е тоа што морате да го разберете. Излезете, кажете го она што го мислите, бидејќи вие сте лидер на вашиот живот, вие сте вашиот глас. Јас верував во себе и затоа стојам тука денес“ - изјави таа.
Мис Парагвај беше избрана за прва придружничка, додека Мис Јужна Африка стана втора придружничка.