Анџелина Џоли отсекогаш успевала да ја заведе камерата. Прекрасната актерка како права професионалка позираше за списанието Marie Claire. На црно-белите фотографии, кои ќе ги красат внатрешните страници на јануарското издание на американското списание, 36-годишната актерка изгледа фантастично дури и во пижами на Салваторе Ферагамо.
Во интервјуто за списанието холивудската убавица зборувала за кариерата, новиот филм, децата и се разбира, за Бред Пит.
Џоли зборувала за своето режисерското деби, филмот „In the Land of Blood and Honey“, во кој се зборува за војната во Босна и Херцеговина.
„Мислам дека сè уште е тешко да сфатиш што се случило и како можеше да се случи на 40 минути од Италија во 90-тите години, во времето кога излезе Шиндлеровата листа. Не можеш да пронајдеш смисла во нешто кое само по себе нема смисла: да го силуваш и убиеш соседот со кој си живеел отсекогаш“ – признала таа.
Познатата актерка открила и дека многу им се восхитува на храброста и силата на актерите во филмот, кои вложиле многу за да ја раскажат трагичната приказна. „Еден од нив беше прострелан, друг имаше изгубено 28 роднини во војната. За нив беше многу тешко да се навратат, но имаат сила да го направат тоа – сила која јас не ја познавам“ – изјавила таа.
Анџелина открила и дека ѝ годело да работи со други актерки затоа што често во филмовите не работи со други жени, а признала и дека нема многу пријателки во реалниот живот. „Беше навистина убаво за мене што соработував со други девојки. Ако сте забележале, немам многу пријателки во филмовите. Имам неколку пријателки. Само што... седам многу дома. Не сум многу друштвена“ – објаснила таа.
Бред Пит и Анџелина Џоли се еден од најкоментираните парови во Холивуд и често се зборува за проширување на нивното семејство или за нивната свадба. Во тој контекст Џоли изјавила: „Бред го прошири мојот живот на начини на кои не сум замислувала дека е возможно. Заедно изградивме семејство. Тој не е само љубовта на мојот живот, тој е моето семејство. Немаме ништо планирано засега, но не знаеме. Може да останам бремена.“