Соучениците Никола и Матеј беа меѓу жртвите во трагичната несреќа во Кочани.
Веста за смртта на другарите ја погодила и нивната поранешна наставничка Елена Накова, која не остана рамнодушна и ги сподели спомените кои ги има за учениците.

Драги деца, не можам да поверувам на сопствените очи и уши дека повеќе Ве нема, не можам да го заборавам моментот кога бевте IX В одделение кога бев ваша наставничка, моментот кога седевте во иста клупа.
Николче, мило дете со твојата мила насмевка и посветеност секогаш ме воодушевуваше, од вчера ми ѕвони во ушите твојата рецитација на песната „Која ја љубев Дениција“, која ја вежбавме за една училишна активност. Ах ах ах , Матејче уште во понеделник, па последователно секој ден на излегување од училница ме испраќаше со зборовите „Убав викенд наставничке“ иако викендот беше далеку! Еее токму овој викенд беше најлошиот викенд за мене, бидејќи ја слушнав кобната случка и уште покобното сознание дека многу млади деца и нечии мили деца нема да бидат веќе со нас!
Патувајте мирно кон ангелите, нека Господ Бог ве прими во царството небесно и да продолжите да ја ширите позитивната енергија кај ангелите! Патувајте безгрижно кон вашиот нов дом, бидејќи ние за Вас имаме и ќе имаме само убави спомени, а спомените никогаш не заминуваат како што и вашата присутност меѓу најблиските!