Ејми Вајнхаус денес беше пронајдена мртва во својот дом во Лондон. Сè уште не се познати причините за смртта на 27-годишната пејачка која се прослави со својот уникатен глас.
„Длабоко жалиме за ненадејната смрт на толку надарен музичар, артист и изведувач. Нашите молитви одат кон семејството, пријателите и обожавателите на Ејми“ – се вели во соопштението од нејзината продукциска куќа.
Екипата на брзата помош пристигнала во станот на Ејми нешто пред 16 часот, но само констатирала смрт. Според неофицијални извори, се работи за предозирање со дрога.
Проблемите на Ејми со зависностите не беа тајна. Докторите постојано ја предупредуваа младата пејачка дека ризикува премногу со бурниот начин на живот. Таа во мај престојуваше во клиника за рехабилитација, токму пред почетокот на нејзината европска турнеја што неславно ја започна во Белград. По катастрофалниот настап пред белградската публика, Ејми ја одложи турнејата.
Како и неколку други големи музички ѕвезди кои се бореа со зависност од дрога и алкохол, и Ејми почина на 27 години. Другите славни музичари кои го завршија животот на оваа „критична“ возраст се Курт Кобејн, Џим Морисон, Џенис Џоплин и Џими Хендрикс.
Ејми Вајхаус остави зад себе многу хитови, меѓу кои и незаборавните „Rehab“, „Just Friends“ и „Back to Black“.