Ен Хетавеј се гордее со своето тело. Популарната актерка со охрабрувачки пост на Instagram им се обрати на новите мајки за да ги мотивира да го сакаат своето тело и покрај тоа што се изменило заради бременоста.
33-годишната холивудска ѕвезда сподели фотографија од пресечени фармерки и во описот напиша:
„Не е срамота да се здебелиш за време на бременоста (или кога и да е). Не е срамота да ти треба повеќе време за да ослабиш отколку што си мислела дека ќе ти треба (ако воопшто сакаш да ослабиш). Нема срам во тоа конечно да се „скршиш“ и да си направиш сама кратки фармерски панталони, бидејќи оние од минатото лето се премногу кратки за бутовите од ова лето.
Телата се менуваат.
Телата растат.
Телата се намалуваат.
Сето тоа е љубов.
(не дозволувајте никому да ве убеди во спротивното)
Мир“
Пораката на Ен допре до илјадници жени. „Мојот син е речиси две години, а килограмите од бременоста се сè уште тука. Смачено ми е од тоа луѓето да ме нарекуваат дебела. Некои дури и ме прашуваат дали знам дека сум дебела. Ти благодарам за постот“, „Во право си. Ја имаш целата моја почит. Бременоста и носењето нов живот на овој свет се Божји благослови“, „Убаво, едноставно и реално. Навистина прекрасно“ и „Ти си толку прекрасна, позитивна и инспиративна. Ти благодарам многу“ се само дел од позитивните коментари кои пристигнаа на адреса на Ен.
Ен стана мајка на 24 март оваа година. Таа и нејзиниот сопруг Адам Шулман го добија синчето Џонатан Роузбенкс.