Синоќа, Лас Вегас беше домаќин на овогодишното доделување на Billboard Music Awards. Во „T-mobile“ арената, музичките ѕвезди беа наградувани според нивните постигнувања во изминатиов период.
Дрејк беше големиот победник на вечерта и воопшто во историјата на Billboard Music Awards, рушејќи го рекордот на Адел за најмногу освоени награди. Во 2012 година, Адел победи во 12 категории, а оваа година Дрејк се покажа како најуспешен во вкупно 13 категории.
Познатиот рапер ја присвои најпосакуваната награда за Најдобар изведувач, како и наградите за Најдобар машки изведувач, Најдобар рап изведувач и Најдобар рап албум за „Views“.
Бијонсе се закити со пет Billboard статуетки, меѓу кои и за Најдобар женски изведувач, Најдобар R&B изведувач и Најдобар R&B албум за „Lemonade“. 35-годишната музичка ѕвезда која во моментов е бремена со близнаци не беше присутна на настанот за да ги прими статуетките.
За Најдобар нов изведувач беше прогласен Зејн Малик, додека наградата за Најдобро дуо или група заврши во рацете на Twenty One Pilots. Познатото дуо победи во вкупно четири категории меѓу кои Најдобар рок изведувач и Најдобра рок песна за „Heathens“.
Во рацете на Metallica пак заврши наградата за Најдобар рок албум за „Hardwired… To Self-Destruct“.
Блејк Шелтон беше избран за Најдобар кантри изведувач.
Легендарната Шер ја имаше честа да си замине од настанот како икона во музиката, освојувајќи ја наградата Billboard Music Icon Award.
Целосната листа на победници можете да ја погледнете тука.