Анџелина Џоли го објави првото видео кое го најавува нејзиниот нов филм „Unbroken“. Филмот е базиран на вистинска приказна за Луи Замперини, воен херој заробен и мачен од Јапонците за време на Втората светска војна. Во видеото се појавува и 97-годишниот Замперини.
Историската драма го следи животот на Замперини кој учествувал на Олимписките игри во 1936 година, а за време на Втората светска војна бил дел од военото воздухопловство на САД.
Во април 1942 година тој и двајца негови сопатници преживеале авионска несреќа. Цели 47 дена тие пловеле по Тихиот Океан, гасејќи ја жедта со вода која ја собирале додека врнело дожд и хранејќи се со мали риби кои ги јаделе живи. Но, кошмарот на Замперини продолжил, бидејќи тој бил заробен од Јапонците и садистички мачен до крајот на војната.
Филмот, кој ќе започне да се прикажува во кино салите на 25 декември, е сниман според бестселерот „Unbroken: A World War II Story of Survival, Resilience, and Redemption“.
Џоли по вторпат влегува во улогата на режисерка.