Елена Ристеска е меѓу петмината финалисти на шоуто „Твоето лице звучи познато“. Македонската музичка ѕвезда следната недела ќе се бори за освојување на првото место со Катарина Богиќевиќ, Бане Мојиќевиќ, Ненад Окановиќ и Јелена Гавриловиќ.
Во полуфиналната вечер, Елена настапи со хитот „Chandelier“ од Сија. Обидувајќи се што подобро да долови настап на Сија, Елена пееше свртена со грбот кон публиката. И покрај проблемите со гласот, таа се обиде да ги испее и највисоките ноти на баладата.
Финалистите беа избрани по собирање на поените од жирито, натпреварувачите и публиката. За првпат им беше дадена можност на гледачите да се вклучат во рангирањето, давајќи го својот глас преку СМС-порака. Публиката беше заслужна што Елена доби 10 поени и место во финалната епизода.
По завршувањето на шоуто, Елена изјавила дека не очекувала дека ќе влезе во финалето. Сепак, таа додала дека ѝ е драго поради пласманот и уште еднаш потенцирала дека шоуто има хуманитарен карактер.


