Најдобрите во телевизиската индустрија синоќа се закитија со наградите Еми.
На 71-вото издание на престижните награди, кое се одржа во театарот „Микрософт“, Академијата на телевизиските науки и уметности им оддаде признание на лицата кои најмногу се истакнаа на малите екрани во изминатата календарска година.
„Game of Thrones“ ја освои наградата за Најдобра драмска серија, а екипата која стои зад хит-серијата веројатно за последен пат се обедини на сцената. Питер Динклиџ со себе ја поведе Еми статуетката за Најдобар актер во споредна улога во драмска серија.
Изненадување на вечерта беше големиот успех на „Fleabag“, која победи во категоријата Најдобра ТВ серија комедија. Фиби Волер-Бриџ, која е ѕвезда и авторка на истата серија, ги прими наградите за Најдобра актерка во ТВ серија комедија и Најдобро сценарио на ТВ серија комедија. За „Fleabag“, Хери Бредбир ја доби наградата Најдобра режија на ТВ серија комедија. Најдобар актер во ТВ серија комедија е Бил Хедер за „Barry“.
Статуетката за Најдобар актер во драмска серија заврши во рацете на Били Портер за „Pose“, додека Џоди Комер за „Killing Eve“ ја доби наградата Најдобра актерка во драмска серија.
Најдобра актерка во споредна улога во драмска серија е Џулија Гарнер за „Ozark“.
„Чернобил“ се истакна како победник во категориите Најдобра лимитирана серија, Најдобра режија на лимитирана серија и Најдобро сценарио на лимитирана серија.
Целосната листа на номинирани и победници можете да ја видите тука.