По многу полни сали ширум светот, Симон Трпчески ја наполни и арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Македонскиот пијанист ја однесе публиката во еден новогодишен свет со прекрасна празнична атмосфера. Сите присутни уживаа во феноменалното шоу на нашиот маестро, кое беше поделено на три дела.
Балетски перформанс на музиката од „Оревокршачка“, уживање со ариите изведени од сопранот Гонца Богоромова-Краповска и баритонот Иван Наумовски, како и дел од успешниот проект на Трпчески – „Македонисимо“.
Симон имаше прекрасна придружба на сцената. Тој заедно со својата ќерка Лара ја изведе „I’ll Be Home For Christmas“, а потоа продолжи Адријана Јаневска со божиќниот хит „All I Want For Christmas Is You“ на Мараја Кери.
„Вчеравечер бев специјален гостин на концертот на македонскиот маестро Симон Трпчески и тоа беше еден од најдрагите настапи во мојата кариера!“
„Во преполната сала Борис Трајковски, пред самиот крај изведов неколку композиции, како и кратко соло на виолина.“
„Да кажам дека бев почестена е премалку, бидејќи да познаваш лично ваков врвен, светски уметник е гордост и чест, а не пак да делиш иста сцена со него. Маестро, ти благодарам што ме испочитува и што ме претрка, бидејќи знаеш дека и јас би сакала ти да бидеш гостин на мој концерт“ – напиша Андријана Јаневска.
Концертот беше во организација на „Прагма продукција“ кои објавија фотографии од музичкиот настан.
Фотографии од концертот објави и претседателката Гордана Силјановска-Давкова.