Жените кои стануваат мајки во Норвешка, Финска и Исланд слободно можат да се наречат среќнички, бидејќи овие три држави се на врвот на овогодишната листа за состојбата на мајките во светот. Сомалија, Република Конго и Централноафриканската Република се на дното на листата, како земји каде мајките имаат најмалку квалитетен живот. Македонија оваа година e на 37. место.
За да се состави 16. по ред извештај за состојбата на мајките од организацијата „Save the Children“, анализирани се податоци од 179 земји во светот. Потоа, државите се рангирани според здравствениот, образовниот, економскиот и политичкиот статус на мајките.
Од регионот највисоко на листата е рангирана Словенија (15. место), потоа следуваат Грција (19. место), Хрватска (30. место) и Србија (35. место). Црна Гора и Бугарија се зад нас, на 42. и 44. место соодветно. Албанија е рангирана на 82. место.
Во извештајот се наведува дека во најлошо рангираните земји мајките и децата живеат во ужасни услови. Просечно, 1 од 30 жени умира од причини поврзани со бременост, додека 1 од 8 деца умира пред да го прослави својот петти роденден.
Податоците собрани од страна на организацијата ја откриваат огромната разлика меѓу сиромашните и богатите земји и ја потенцираат улогата на вооружените конфликти и лошото управување за ужасната состојба на луѓето. 9 од 11 најниско рангирани земји се засегнати од конфликти или се сметани за нестабилни држави.
„Порано или подоцна, ќе видите мајка и дете како питаат на улица во некој голем град, како што видов јас. Ве молам, не ги одминувајте. Време е сите да работиме заедно за да ја подобриме состојбата“ – ова е пораката од извештајот на Каролин Мајлс, претседател и генерален директор на „Save the Children“.