Во изминативе месеци светот го трогна веста за самоубиството на Робин Вилијамс, беше љубопитен за Светското првенство во фудбал, еболата и исчезнатиот авион на малезискиот авиопревозник „Malaysia Airlines“, се заинтересира за стилските авантури на Ријана на црвениот тепих и за свадбата на Ким Кардашијан и Кание Вест и пребаруваше за Џенифер Лоренс.
Најпопуларните теми на Google за годината што изминува се наведени во извештајот „Year in Search“.
Смртта на незаборавниот Робин Вилијамс ги поттикна луѓето да пребаруваат онлајн што повеќе за славниот актер и комичар. На второ место во категоријата „Trending Searches“ е Светското првенство во фудбал, па следуваат пребарувањата за болеста ебола, авиопревозникот Malaysia Airlines, играта Flappy Bird и предизвикот со полевање со ледена вода.
„Најгуглана“ личност за 2014 година е Џенифер Лоренс, најверојатно поради објавувањето на голите фотографии кои хакер ги украде од нејзиниот мобилен телефон. На второ место на листата „најгуглани“ луѓе е Ким Кардашијан.
Џаред Лето и Метју Меконахи се актерите за кои најмногу се пребаруваше на глобално ниво.
Во категоријата за свадбите на славните, на прво место се Ким Кардашијан и Кание Вест, на второ Џорџ Клуни и Амал Аламудин, а на трето Анџелина Џоли и Бред Пит.
Кога станува збор за убавината, најголем е интересот за пронаоѓање одговори на прашањата „Како да се ослободам од акните?“, „Како да се ослободам од стрии?“, „Колку често треба да ја мијам косата?“, „Што е BB крем?“ и „Како да ги чистам четките за шминка?“.
Кога е во прашање модата, луѓето најмногу се интересираат за идеи „Како да носам марама?“, „Што да облечам за на свадба?“ и „Што да облечам за интервју за работа?“.
Стилот на црвениот тепих на Ријана го разбуди љубопитството на најголем дел од интернет публиката. Во категоријата „црвен тепих“ на второ место е младата пејачка Лорд, а на трето оскаровката Лупита Нионго.