Повторно компјутерски е создадено лице кое би требало да ја претставува идеалната жена. Списанието Marie Claire ја создаде „совршената жена“ со спојување на најбараните женски црти на лицето од водечките пластични хирурзи во светот.
Користејќи податоци од побарувањата кај пластични хирурзи во изминативе 12 месеци, списанието создаде фотографија на жена која ги има очите на Ен Хетавеј, образите на Џенуари Џонс, носот на Натали Портман, брадата на Хали Бери, усните на Скарлет Јохансон и косата на Тејлор Свифт.
Во априлското издание на Marie Claire Австралија не е посочено од кои селебрити лица се „позајмени“ тенот, забите, веѓите или челото.
Со фотографијата на идеалната жена списанието сака да го покрене прашањето за тоа дали убавината се крие во пластичната хирургија и ако одговорот е да, каде би бил крајот на потрагата по совршен изглед.
Жените сè повеќе ги користат услугите на пластичната хирургија, но не само во развиените земји, туку и на нашите простори. Само за информација, во Австралија жените трошат 850 милиони долари годишно за модифицирање на своето лице и тело, додека американците во 2009 година потрошиле неверојатни 10 милијарди долари за естетски корекции.