Кучињата се најдобрите пријатели на луѓето и повремено нивната несебична љубов и верност се јадро на приказни кои трогнуваат илјадници срца. Германскиот овчар Капитан е најновиот доказ за лојалноста на кучињата. Милото куче веќе шест години живее на гробишта, чувајќи го гробот на својот сопственик.
Кучето од аргентинскиот град Вила Карлос Паз одлучило да остане до својот сопственик, иако тој е мртов шест години. Сопругата на починатиот Мигел Гузман раскажала дека Капитан исчезнал од нивниот дом во 2006 година, на денот на погребот на Мигел. „Го баравме, но тој беше исчезнат. Помисливме дека или го прегазила кола или е умрен“ – изјавила таа за аргентинскиот „La Voz“.
Една недела подоцна, кога го посетиле гробот на Мигел, го виделе Капитан кој ги пречекал со лаење и завивање. „Ние никогаш го немавме однесено на гробишта, па за нас е мистерија како успеал да го пронајде. Се вративме кај гробот и наредната недела, а тој сè уште беше таму. Тогаш, нè следеше до дома и остана малку време со нас, но се врати на гробишта пред да падне мрак. Сметам дека не сакаше да го остави Мигел сам преку ноќ“ – изјавила г-ѓа Гузман.
Директорот на гробиштата раскажал дека кучето ретко го напушта гробот на неговиот сопственик. Но, каде и да оди, секој ден се враќа околу шест часот, легнува на гробот и таму ја минува ноќта. Вработените постојано го хранат верното куче и се обидуваат да му ја дадат потребната нега.
Иако г-ѓа Гузман и нејзиниот син неколку пати се обиделе да го задржат кучето дома, тоа редовно им бегало за да се врати назад на гробишта.
Оваа приказна потсетува на приказната за кучето Хачико, кое девет години чекало на железничка станица во Токио да се врати неговиот сопственик кој починал. Според таа приказна е направен и филм со Ричард Гир.