Пар доби четворка четири години по добивањето близнаци и сега се радува на благословот да има седум деца.
Кејли и Габриел Смит снимија слатка семејна фотосесија откако сите нивни бебиња го напуштија одделот за неонатална интензивна нега и си отидоа дома. Фотографиите разнежнија многумина:
Семејното патување на Кејли и Габриел не било лесно, но тие велат дека е вистинска радост да се има големо семејство.
„Секоја недела е вистинска борба, малку спиеме секоја вечер, околу 2-3 часа. Но, знаеме дека ова е само период. Бидејќи имаме и други деца, знаеме дека ќе биде полесно. Вистинска радост е да гледаш како се појавуваат нивните мали карактери“ – велат тие.
Парот стапи во брак во 2015 година, а првата вест за бременост ја доби еден месец по венчавката. Нивната најголема ќерка Ариела се роди во 2016 година, а веќе следната година, Кејли и сопругот посакале да имаат уште едно дете.
Бидејќи нивните обиди за забременување не биле успешни, одлучиле да се консултираат со специјалист.
„По куп тестови и испитувања, ни рекоа дека најверојатно воопшто нема да имаме второ дете. Но, по еден месец третмани, откривме дека очекуваме близнаци“ – велат тие.
Откако се навикнале на животот како петчлено семејство, во 2021 година, родителите решиле дека сакаат да имаат уште едно дете. Не можејќи да зачнат природно, повторно побарале помош од специјалист.
„Сега ни рекоа дека единствена надеж да имаме уште едно дете е со помош на инвитро и донор на јајце-клетки“ – рекле тие.
Сепак, решиле да продолжат да се надеваат на бременост само со интраутерина инсеминација. По многу неуспешни обиди и примени лекарства, Кејли и Габриел откриле дека нивното чудо е на пат.
Четирите бебиња се родија на 16 јули годинава во 31-вата гестациска недела.
„Би сакале да ја споделиме нашата приказна со надеж дека ќе им биде охрабрување на сите кои се соочуваат со потешкотии“ – велат тие.