За време на новогодишните и божиќните празници, хотелите и рестораните низ светот прават сè што е во нивна моќ за да привлечат што повеќе гости.
Еден луксузен хотел во Абу Даби успеа да го привлече вниманието на светската јавност со поставувањето на она што се верува дека е најскапата новогодишна елка во светот.
За да успеат да направат елката да чини неверојатни 11 милиони долари, од хотелот ја украсиле со вистински накит со дијаманти, сафири и други скапоцени камења. Така на елката, освен златни и сребрени традиционални лампиони, висат и скапи ланчиња и белегзии. На луксузната елка се поставени точно 181 дијаманти, бисери, смарагди, сафири и други скапоцени камења.
Елката ќе биде пријавена во Гинисовата книга на рекордите за да се утврди дали навистина е најскапата елка некогаш поставена.
Emirates Palace, којшто ја има 12 метри високата елка, е истиот хотел кој го постави и првиот „златомат“ (банкомат од кој наместо пари можете да вадите картички злато).