Тејлор Морис и Даниел Кели без сомневање ќе ве убедат дека вистинската љубов може да ги надмине сите сопки кои ги поставува животот. Зад себе тие имаат само по 23 години, а последниве 5 месеци им биле вистински емотивен ролеркостер кој им покажал дека нивната љубов, пријателство и заемна поткрепа се посилни од сè.
Кога авантуристички настроениот Тејлор заминал во Авганистан, тие не ни можеле да си замислат колку тоа ќе им го промени животот. Но, како и многу млади луѓе кои го ризикуваат животот заминувајќи да ѝ служат на својата татковина, Тејлор не успеал да ги избегне „замките“ на војната.
Додека го расчистувал патот за својот тим, Тејлор згазнал на импровизирана експлозивна направа која му ги одзела четирите екстремитети.
„Во моментот кога згазнав, знаев. По еден краток момент, ја слушнав експлозијата. Ја почувствував топлината. Знаев дека ги изгубив нозете. Додека како во салто летнав во воздухот, видов како моите нозе одлетаа“ – изјавил тој за „The Chive“.
Но, веднаш по несреќата Тејлор останал фокусиран. „Се присетив на моментот на експлозијата. Мината не беше видлива и детекторот не даде сигнал. Тоа ми кажа дека мината беше стара. Ако имаше и други мини, медицинските лица немаше да ги видат, па патот мораше да биде исчистен соодветно. Знаев дека имам артериско крварење од четирите екстремитети. Им реков на моите браќа да запрат, ќе бев повреден повеќе ако некој од нив стапнеше на друга мина“ – раскажал тој.
По расчистувањето на патот, на Тејлор му била укажана прва помош и веднаш започнало неговото транспортирање во САД.
Настанот се случил на почетокот на мај. Кога неговата девојка Даниел дознала, била шокирана. „Не можев да го контролирам дишењето, се тресев неконтролирано и на крајот повратив. Си велев сè е ОК, ќе биде ОК, но во тој момент знаев дека нема сè да е ОК. Јас и Тејлор планиравме толку многу нешта, а ова не беше дел од планот. Си мислев: Зошто се случи ова? Како можеше ова да ни се случи токму нам?“ – изјавила таа.
На Тејлор му биле ампутирани екстремитетите. Тој е еден од петте лица кои во болницата „Walter Reed“ преживеале ампутација на сите екстремитети. Но, благодарение на поддршката од Даниел, нејзината посветеност, како и предностите на модерната медицина, Тејлор денес гордо може да застане исправен.
Со помош на протезите, тој може да оди и сам да се храни, и тоа само пет месеци по несреќата.
Сепак, тој сè уште не може постојано да ги користи своите нови „нозе“, па во тие моменти Даниел е подготвена да го подигне и да му ги позајми нејзините.
Приказната за Тејлор и Даниел воодушеви милиони лица од целиот свет, кои несебично донираат за подобрување на животот на младите оптимисти. Интернет порталот „The Chive“ собра околу 250.000 долари за да им помогне да си го остварат сонот и да си купат дрвена куќарка во природа.
Тејлор бил пречекан во својот роден град како вистински херој.
Тејлор никогаш нема да ја заборави поддршката од Даниел, која се откажала и од својата работа за да може да биде покрај својот сакан во најтешките моменти. Кога му бил доделен медал со бронзена ѕвезда, Тејлор изјавил: „Ако имав раце, ќе ѝ го ставев медалот на Даниел, бидејќи таа ми помогна да пребродам сè. Беше тешко, а таа беше до мене целото време“.