Автомобилска несреќа за малку ќе ја уништеше свадбата на млад пар, но заљубените Чед и Холи докажаа дека ништо не може да застане на патот на вистинската љубов.
На 18 октомври, ноќта пред свадбата, Чед возел по лошо осветлен пат кога изгубил контрола и излетал надвор од патот, превртувајќи се четири пати. Автомобилот започнал да се полни со вода, но Чед успеал да се ослободи. Мислејќи единствено на свадбата и на тоа дека не сака да ја разочара својата свршеница, тој изминал пешки 2,5 километри за да се врати дома.
По кратко време адреналинот во неговото тело се намалил и Чед почувствувал силна болка во грбот, па ја повикал мајка си за да го однесе на болница. Докторите откриле дека има повреда на грбот и му соопштиле дека мора да ја откаже свадбата.
„Жалам, но тоа не е опција. Јас се женам утре“ – самоуверено им рекол Чед на докторите и некако ги убедил да го пренесат во хотелска соба.
Храбриот младоженец ги повикал пријателите во хотелската соба, заедно со камерманот и свештеникот, и договорил таму да се одржи свадбената церемонија. Пријателите дури и го поставиле свеченото одело врз Чед за да изгледа поелегантно за неговата сакана.
Чед и Холи си го кажале судбоносното „Да“ во хотелската соба.
Неколку минути подоцна снимката им била пуштена на собраните гости.
Ниту еден од присутните не успеал да ги задржи солзите.
На прославата Холи присуствувала сама, но била опкружена со најблиските. „Невестата мораше да ја помине целата прослава сама... но беше опкружена со љубовта на семејството и пријателите, што придонесе сè да биде полесно за неа“ – изјавил најдобриот пријател на Чед за „The Chive“.
Сите гости биле едногласни дека Чед и Холи покажале што точно значи ветувањето „заедно во добро и во зло, во здравје и во болест“.