Првиот училиштен ден е специјален настан за секој родител, но за родителите на малата Шарлот Гарсајд тоа е момент кој секогаш ќе го паметат, бидејќи не мислеле дека ќе го дочекаат.
Шарлот не е обично петгодишно девојче. Со висина од 68cm и тежина од само 4 килограми, таа не е многу поголема од просечно новороденче и е помала од своето омилено плишено мече. Нејзините родители, Ема Њуман и Скот Гарсајд, упорно се труделе да ѝ дадат нормално детство, па не можеле да ја сокријат својата гордост кога малото девојче отишло на првиот училиштен час.
Иако Шарлот е мала, таа се истакнува со она што го носи во себе. „Можеби е мала, но има огромен карактер и сака да прави сè што прават нормалните петгодишни деца. Таа е многу љубопитна“ – изјавила нејзината мајка.
Веселата Шарлот била родена со ретка болест за која докторите немаат ниту име. Кога се родила била долга само 25cm и тежела помалку од 1 килограм, па нејзините родители користеле облека за кукли.
Шарлот има три сестри кои се со нормална големина и сите три се согласни дека Шарлот е посебна. „Можеби изгледа како кукла, но е направена од силна материја. Сака да беснее низ куќа и обожава кога е фрлана во воздух. Кога луѓето ќе ја сретнат за првпат, се плашат дека можат да ја повредат ако ја допрат. Но, таа е доста жива и не седи мирна ниту една секунда“ – изјавила најголемата сестра, Клое.
Освен што е мала, Шарлот има многу слаб имунитет и докторите ги предупредувале родителите дека таа може да умре уште пред да наполни една година. Но, Шарлот постојано изненадува со својот напредок.
„Има многу нејаснотии, но Шарлот пронаоѓа начин да ве изненади кога најмалку очекувате. Не знаевме дали ќе живее толку долго. Не знаевме дали ќе може да комуницира со луѓе, а имаше и периоди кога си мислевме дека може да ја изгубиме. Но, таа продолжи да се развива и со нетрпение чекам да видам што ќе ни донесе наредната година“ – изјавила Ема, мајката на малото девојче.
Според Гинис, најмала жена на светот е Џоти Амџи, која е висока само 63cm.