Решителен Кинез докажува дека родителот би направил сѐ за своето дете. Ју Сјуканг секој ден пешачи по 28 километри за да го однесе својот син на училиште.
Училиштето е оддалечено 7 километри од неговиот дом, но тоа не го спречило 40-годишниот Ју редовно да го поминува тоа растојание по четири пати дневно за да го носи дотаму својот син и да го враќа дома.
12-годишниот Чјао е лице со телесен инвалидитет за кој докторите не успеале да постават дијагноза, па неговиот татко го носи на грб во специјална кошница. „И покрај тоа што има 12 години, тој е висок само 90 сантиметри. Но, горд сум на фактот што тој веќе е меѓу најдобрите во класот и знам дека ќе постигне многу. Мојот сон е тој да стигне до колеџ“ – изјавил Ју.
Ју е земјоделец. Откако неговата сопруга го напуштила, тој ги презел сите грижи за домот и за Чјао. Од почетокот на школската година досега тој има изминато пешки околу 2.500 километри. „Никогаш не доцниме“ – изјавил со гордост тој за кинеските медиуми.
Откако приказната била објавена во медиумите, Ју добил парична помош, му била понудена соба за престој, а исто така бил направен план за во иднина училиштето да може да нуди сместување за деца како Чјао.