Вистинска хероина, светица, најдобрата мајка... така е опишувана Лу Ксиаојинг, жената која спасила повеќе од 30 напуштени бебиња. 88-годишната Кинескиња, која цел живот го поминала живеејќи во сиромаштија и заработувајќи од рециклирање на ѓубре, несебично спасувала бебиња кои ги пронаоѓала оставени на улица.
Заедно со својот сопруг, кој починал пред 17 години, Лу израснала четири сирачиња, а останатите ги давала на свои пријатели и роднини.
„Сè започна кога го пронајдов првото бебе, мало девојче во далечната 1972 година, додека собирав ѓубре. Таа лежеше меѓу ѓубрето на улица, напуштена. Ќе умреше ако не ја спасевме и не ја земевме со нас. Тоа што ја гледавме како расте и станува посилна ни даде толку радост, што сфатив дека многу сакам да се грижам за деца.“
„Сфатив дека ако имаме сила да собираме ѓубре, не може да немаме за да рециклираме нешто толку важно како човечки живот. На овие деца им е потребна љубов и грижа. Сите тие се скапоцени човечки животи. Не разбирам како луѓето можат да остават толку ранливи бебиња на улиците“ – пренесува Дејли Мејл, цитирајќи ја Лу.
Многумина се воодушевени од Лу и нејзината добрина, па со право ја нарекуваат херој. „Таа ги засрамува владата, училиштата и луѓето кои стојат настрана и не преземаат ништо. Таа нема пари или моќ, но спасува деца од смрт или нешто полошо. Во локалната заедница таа е добро позната и почитувана поради нејзината работа со напуштените бебиња. Таа прави сè што може. Таа е локален херој. Но за жал, во Кина има премногу напуштени бебиња кои немаат надеж за преживување“ – изјавил еден од многуте Кинези кои ја почитуваат Лу.
Најмалиот син на Лу има само 7 години. „Иако веќе бев стара, едноставно не можев да го игнорирам бебето и да го оставам да умре во ѓубрето. Изгледаше толку слатко и бедно. Морав да го земам дома со мене. Го зедов во нашиот дом, кој всушност е мала скромна куќа на село, и се грижев за него додека да закрепне. Сега тој е живо мало момче, кое е среќно и здраво. Моите повозрасни деца помагаат и се грижат за Занг Квилинг, тој е многу специјален за нас. Го крстив според кинескиот збор за редок и скапоцен“ – изјавила Лу, која има само една биолошка ќерка.
Добродушната старица страда од сериозни здравствени проблеми на срцето и бубрезите и најверојатно нема да живее уште долго. Но, луѓето од локалната заедница не ги забораваат нејзините големи дела. Отворен е веб сајт за донации за да може да се платат болничките трошоци на Лу, а локално училиште прифати да ја исполни нејзината последна желба – нејзиниот најмал син да добие образование.