Минка Дисброу во текот на поголем дел од својот живот се обидувала да открие нешто повеќе за ќерката којашто била принудена да ја даде на посвојување, затоа што била силувана во тинејџерските години.
Од дното на својата душа се надевала дека еден ден ќе може да ја види, но сметала дека големата желба никогаш нема да ѝ се оствари. За среќа, животот е полн со изненадувања. Пред пет години еден телефонски повик бил доволен за да ѝ го промени животот на 94-годишната старица...
Сè започнало во далечната 1928 година кога Минка имала само 16 години. Додека биле на прошетка со нејзина пријателка, биле нападнати и силувани од тројца мажи. Преплашените девојчиња не знаеле што да прават и решиле да не кажуваат за страшната случка.
„Не знаевме што да правиме. Не знаевме што да речеме. Па, се вративме назад и ништо не кажавме“ – изјавила таа.
Како што поминувало времето, така телото на Минка започнало да се менува, но таа воопшто не се посомневала што се случува со неа, бидејќи ѝ било кажано дека бебињата ги носи штрк. Нејзините родители ја испратиле да живее во дом за бремени девојки. На 17-годишна возраст Минка родила ќерка која го добила името Бети Џејн. Срцето ѝ велело да го задржи бебето, но нејзината мајка ѝ рекла дека не смее да го донесе бебето на фармата каде што живееле. Во истото време свештеник и неговата сопруга сакале да посвојат бебе, па Минка им ја дала својата ќерка со надеж дека тие ќе ѝ го дадат домот што таа не можела да ѝ го даде.
„Го сакав тоа бебе толку многу. Го сакав она што е најдобро за него“ – рекла таа.
Дисброу се вратила на фармата и продолжила со својот живот, но редовно ѝ пишувала на агенцијата за посвојување за да добива информации за малото бебе. На почетокот агенцијата љубезно ја информирала за сè, но потоа се променило раководството и таа изгубила секаков контакт. Минка се омажила и станала мајка на уште две деца.
Секоја измината година, на роденденот на Бети Џејн, Минка мислела на неа и се молела еден ден да ја сретне. Во 2006 година ѝ се јавил непознат маж кој ја распрашувал за нејзиното минато. Загрижена дека можеби некој сака да ѝ го украде идентитетот, Минка го затрупала со прашања и не му давала одговори. Тогаш, мажот од другата страна на слушалката ја запрашал дали сака да се слушне со Бети Џејн, која го добила името Рут Ли.
Непознатиот маж, Брајан Ли, всушност бил син на Рут, кој ја контактирал Минка за да научи повеќе за нејзината семејна медицинска историја. 77-годишната Рут имала здравствени проблеми, па Брајан направил сè за да контактира со нејзиното семејство и да дознае повеќе за нивното здравје.
Минка долго време зборувала со Рут на телефон и дознала дека таа живее среќно и дека има шест деца.
Еден месец подоцна се сретнале и преку фотографии и долги разговори се обиделе да надоместат за времето во кое биле разделени. Оттогаш семејството се има сретнато неколку пати, а дури сега решиле да ја споделат нивната животна приказна со јавноста.
„Ова е толку нереално и неверојатно искуство и сè уште понекогаш си мислам дека еден ден ќе се разбудам и ќе биде само еден убав сон“ – изјавила 82 годишната Рут.
Целото семејство наскоро ќе го прослави 100-тиот роденден на Минка.