Најрано родените близнаци во светот го прославија првиот роденден и се запишаа во Гинисовата книга на рекорди.
Адија и Адријал Надарџах од Канада се родија на полна 22-ра недела од бременоста или 126 дена предвреме. Ако мајката Шакина се породела само еден час порано, на бебињата немало да им биде пружена лекарска помош од страна на болницата и тие немало да преживеат. За среќа, тоа не се случило.
Мајката Шакина сподели дека породувањето започнало порано, на 21 недела и 5 дена, а докторите отворено ѝ кажале дека „шансите да преживеат се 0%“.
„Првата реакција на докторите беше дека им е жал за загубата и дека ќе ги изгубиме бебињата. Ни рекоа дека тие може да излезат во секоја минута и дека нема да има можност да преживеат“ – рекол таткото Кевин.
Шакина успеала да ги износи бебињата до полноќ, до навршувањето 22 недела, која била потребна за да им се пружи нега.
Адија се родила во 1:22 часот наутро и тежела само 330 грама, додека Адријал се родил во 1:45 часот и имал тежина од 420 грама.
„Восхитени сме што нашите близнаци добија рекордерска титула. Се надеваме дека нивниот рекорд ќе биде срушен“ – рекла Шакина.
„Никој од нас не знаеше какви ќе бидат долгорочните последици од медицинските проблеми на близнаците. Но, едно нешто беше сигурно, родителите никогаш нема да се откажат од надежта. Многу од моите колеги се прашуваа дали го правиме правилното нешто и дали родителите ги разбираат предизвиците го кои ќе се соочат во иднина“ – рекол неонатологот Пракеш Шах, кој бил дел од оние кои веруваа дека го прават исправното нешто.
Друг доктор напиша: „Двајцата родители ја разбираа ситуацијата и не беа во бунило. Решеноста на Кевин и Шакина да ги надминат сите предизвици беше она што нè инспирираше мене и тимот да се ослободиме од нашите лични сомнежи и да го дадеме најдоброто од себе“.
Бебињата на 4 март наполнија една година и покрај здравствените предизвици кои ги надминаа. Тие одлично напредуваат.
„Многупати видовме како бебињата за малку ќе умреа пред нашите очи“ – рекол таткото.
Сега Адија и Адријал го држат рекордот за Најрано предвреме родени близнаци кои преживеале.