Хејзел Џонс е една од малкуте жени на светот кои имаат ретка медицинска појава наречена uterus didelphys, што значи дека има две целосно развиени вагини, две матки и два цервикса.
27-годишната Британка дознала за несекојдневната состојба кога имала 18 години, но знаела дека нешто не е во ред уште од 14-годишна возраст, затоа што имала многу болки за време на менструалното крварење.
„Не беше забавно. Порано страдав од големи менструални болки и грчеви, а моите менструални крварења беа обилни. Сега знам дека тоа беше така затоа што имам две матки. Не беше пријатно. Им објаснував на пријателките дека имам проблеми и тие немаа поим што правам погрешно“ – изјавила Хејзел.
Таа признала дека еднаш прашала своја пријателка како знае каде да го стави тампонот, но откако нејзината пријателка помислила дека Хејзел го става тампонот во анусот, решила повеќе да не разговара на таа тема.
За првпат Хејзел дознала за двете вагини на 18 години. Тогаш, нејзиното прво сериозно момче ѝ рекло дека таа е различна и дека можеби нешто не е во ред со неа. По направените прегледи, докторите откриле дека Хејзел има две вагини и две матки.
Кога дознала за својата состојба, таа им кажала на сите и вели дека денес воопшто не се срами од своето тело. „Веднаш штом дознав, им кажав на сите! Сметав дека е неверојатно. Ако жените сакаат да погледнат, среќна би била да им покажам, не е нешто од коешто се срамам“ – рекла таа во интервју за телевизијата ITV.
Хејзел открила и дека морала да ја изгуби невиноста двапати затоа што имала два химена. Исто така, треба да прави и по два ПАП теста.
Докторите ѝ предложиле да направи операција, но таа одбила, затоа што се плаши од тоа како ќе заздрават раните.
Хејзел има сериозен партнер и вели дека нејзиниот сексуален живот не страда поради ретката здравствена состојба која ја има. Таа дури и се пошегувала за време на интервјуто, велејќи: „Повеќето имаат една за цел живот, мојот партнер има две“.