Животната приказна на Лорен Васер нема да ве остави рамнодушни.
35-годишната девојка, која ги изгуби двете нозе поради синдром на токсичен шок и беше на работ на смртта, не се откажа од својот сон и денес е успешен модел кој соработува со врвни модни брендови.
На 24-годишна возраст, Лорен колабирала со висока температура и екстремно влошена здравствена состојба. И сето тоа поради употреба на тампон за време на менструација.
„Ме најдоа на подот од мојата спална соба со лицето надолу. Кога докторите лоцираа дека имам тампон, го извадоа и го испратија на испитување. Резултатите покажаа дека станува збор за синдром на токсичен шок“ – објаснила Лорен.
Васер доживеала два срцеви удари и откажување на бубрезите. Докторите ѝ прогнозирале само 1% шанси за живот. Таа била ставена во 10-дневна индуцирана кома.
Откако се пробудила, Лорен ги слушнала страшните вести дека треба да ѝ биде ампутирана ногата.
„Бев полна со течности, тежев околу 90 килограми. Главата ми беше избричена и нозете ми беа црни поради гангрена. Тогаш слушнав една сестра како кажува дека треба да ампутираат млада жена. Сфатив дека станува збор за мене. Плачев и врескав и ја барав мајка ми. Ја молев да не им дозволува да ми ја земат ногата“ – признала Лорен.
За да ѝ дадат шанса за живот, докторите ѝ ја ампутирале десната нога до под коленото и левото стапало. За жал, во 2019 година, ѝ била ампутирана и левата нога.
Денес, Васер се бори да ја подигне свеста за опасноста од тампоните, со цел ниту една друга личност да не ја искуси нејзината судбина.
„Синдромот на токсичен шок со децении убива и повредува жени. Благодарна сум што можам да бидам глас за сите оние жени за кои светот никогаш нема да слушне. Овие производи кои ги ставаме во нас се исклучително токсични. Дури и ако пишува дека е 100% памук, сепак може да биде прскано со хемикали и пестициди. Зошто компаниите за тампони не се транспарентни за тоа колку се опасни овие производи и за долгорочните ефекти што ги имаат врз нашите тела? Ни требаат безбедни производи и соодветна транспарентност. Ние заслужуваме да бидеме заштитени“ – вели Васер.
„Вагината е најапсорбирачкиот дел од женското тело. Со ставањето на тампон може да се внесат хемикалии и токсини кои доведуваат до бактериски инфекции и фатални компликации“ – додава Лорен.
По инцидентот, борбената девојка се срамела од себеси и не си го сакала изгледот.
„Си велев ова не е реално, ова не е мојот живот. Се срамев од себеси, се срамев од тоа што се случи. Мојот идентитет ми беше одземен“ – признала Лорен. Но, таа успеала да се издигне и да му покаже на светот дека сè уште поседува сè што е потребно за да биде успешна во модниот свет.
Поради златните протетички нозе, Лорен денес е позната како „Девојката со златни нозе“. Таа успешно се проби во модната индустрија, често дефилира на ревии за врвни модни брендови и разубавува многу модни кампањи.