Одвреме-навреме се појавува по некоја љубовна приказна којашто нè принудува да застанеме за момент, да погледнеме околу себе и навистина да се потсетиме дека ништо на овој свет не е вечно и дека треба да го цениме секој миг.
Сторијата за Бетани и Рајан Смит допре многу срца, расплака илјадници луѓе и докажа дека кога љубовта е во прашање, ништо друго не е важно.
Бетани и Рајан се запознале во 2005 година, кога и двајцата започнале да студираат на Универзитетот Орегон. Веднаш станале неразделни – патувале заедно, ги посетувале своите родители заедно и со секој изминат ден ја зајакнувале својата врска.
Четири години подоцна дипломирале, изнајмиле стан и започнале да ги градат своите кариери. Бетани започнала да работи како графички дизајнер, а Рајан се вработил во локална банка. Но, нивната среќа не траела долго. Во јануари 2011 година добиле ужасна вест – Рајан дознал дека има ретка форма на рак.
Бетани одлучила да направи пауза од работата и останала покрај Рајан во текот на неговата мачна борба против болеста. Таа ја држела неговата рака за време на интензивната хемотерапија, пред и по сериозната операција и во текот на долгите престои во болниците. И покрај сите терапии, во ноември докторите одлучиле дека треба да го прекинат лекувањето и до почетокот на декември органите на Рајан започнале да откажуваат.
На 5 декември докторите соопштиле дека на Рајан му преостануваат само 2 недели живот.
Кога сфатиле дека не им останува уште многу време, Бетани и Рајан одлучиле да го направат она што отсекогаш го сакале – да стапат во брак. Со помош на пријателите и семејството, тие ја испланирале свадбата во рок од три дена. Бетани и Рајан не помислувале на тоа да имаат совршена облека или совршена торта, туку се фокусирале на најважното – својата љубов.
Свадбата се одржала на 11 декември. Шест недели откако си го размениле судбоносното „Да“, Рајан починал на 24-годишна возраст.
„Кога ќе се навратам на тие моменти, во таа соба имаше многу повеќе љубов отколку што сум почувствувала во текот на целиот живот“ – напишала Бетани на блог по свадбата.
Бетани и Рајан на почетокот биле пријатели и по извесно време нивното пријателство преминало во нешто повеќе. На нивната прва годишнина, Бетани му подарила на Рајан картичка во која пишувало: „Wow – имав претчувство дека можеби ќе се заљубам во тебе, но немав поим дека ќе биде вака. Толку ми е мило што те запознав и што нашите животи се вкрстија. Секогаш ќе бидам тука за тебе – ветувам. Те сакам“.
Седум месеци по страшната дијагноза, Рајан и Бетани отпатувале да ги посетат своите родители. Додека се возеле, Рајан ѝ рекол на Бетани да сопре за момент. „Ми рече дека не се чувствува убаво од возењето и дека му е потребен свеж воздух. Се шетавме покрај водата и одненадеж клекна на едно колено. Јас клекнав на двете колена и реков ДА“ – раскажала Бетани.
Свадбата се одржала во истиот ресторан во кој Бетани и Рајан отишле веднаш откако тој ја побарал за жена. Церемонијата била интимна и присуствувале само 32 најблиски гости. Воздухот во малиот ресторан бил преполн со емоции.
Рајан не можел да издржи на нозе во текот на целата вечер. По свадбената церемонија морал да легне да се одмара. Бетани поголем дел од свадбениот ден го поминала сама со гостите.
„Немавме свадбена забава или прв танц. Не го фрлив букетот, ниту ја секов тортата. Неколку дена подоцна дури и сфативме дека не ни рековме „Да“ за време на церемонијата! Тоа не би било прифатливо за секого, но за нас беше“ – напишала Бетани.
Рајан живеел пет недели подолго од прогнозите на докторите. „Иако беше премногу кратко, имавме можност да се земеме и да прославиме еден месец од нашиот брак, а тоа е дар што никој и никогаш не може да ни го одземе“ – дополнила Бетани.
Рајан го донирал своето тело за научни истражувања. Сакал неговото ткиво да биде проучувано во истражувања за рак на тестисите со цел некој ден тоа да им помогне на други пациенти.
Бетани се вратила на работа и вели дека никогаш нема да го заборави најдобриот пријател кој ја сакал комплетно или луѓето кои ѝ помогнале да ја преживее изминатава година. „Те тера да сфатиш колку добро има на светов, дури и кога ќе се случи нешто толку лошо“ – изјавила таа.
Бетани има направено веб страница на која ја раскажала својата сторија, а каде илјадници луѓе од цел свет ѝ даваат поддршка и коментираат за нејзината храброст.
Видео од најсреќните моменти на Бетани и Рајан: