Љубовта на мајката кон нејзините деца не познава граници, а Меган Баркер е доказ за тоа.
48-годишната баба го износи и го роди својот внук поради тоа што ќерка ѝ Меди не можела да има свое дете.
Имено, Меди имала 14 години кога за време на гинеколошки преглед, докторите ѝ соопштиле дека никогаш нема да може да носи дете поради неразвиени јајници и матка.
„Мајка ми беше со мене за време на прегледот и двете бевме скршени. Плачевме и се гушкавме една со друга додека чекоревме кон автомобилот. Но, таа ме сопре, ме погледна в очи и ми рече: Кога ќе пораснеш и ќе сакаш твое дете, јас ќе го носам твоето бебе“ – објасни Меди.
Додека била тинејџерка, Меди секогаш ја сметала понудата на мајка си за чудна. Но, минатата година нејзе ѝ бил откриен тумор на јајникот, па докторот предложил пред да биде оперирана, да замрзне свои јајце-клетки, бидејќи операцијата би можела да предизвика предвремена менопауза.
Одеднаш, Меди и нејзиниот сопруг Тајлер започнале да го гледаат предлогот на Меган како реална опција и ја замолиле да го износи нивното дете.
„Знаев дека ова е правилното нешто. Таа ми е мајка и најдобра пријателка. Мислам дека е неверојатно што мајка би го направила ова за своето дете“ – рекла таа.
Меган веднаш се согласила, без трошка колебање. „Ѝ реков на Меди дека таа може да има свое биолошко бебе, само што нема да може да го носи тоа бебе. Таа е физички и здравствено спречена, а јас пред девет години донесов одлука јас да ѝ помогнам ако Меди не може да забремени. Знаев колку ѝ е важно на Меди да биде мајка и разбирав дека има други опции како посвојување, но сакав да знае дека остварлива е опцијата да има и свое биолошко дете“ – рекла Меган.
Докторите вонтелесно оплодиле јајце-клетка на Меди и со помош на ин витро постапка ја ставиле во матката на Меган. Успешно!
Баркер забремени во март оваа година, а малиот Гас Вајат се роди на 22 октомври.
„Толку сум среќна што можев да ѝ го овозможам тоа и што ин витрото даде резултат уште првиот пат. Тоа е најголемиот подарок. Поврзаноста со него за мене не беше голем проблем како што претпоставуваа луѓето, бидејќи во мојот ум тоа секогаш беше биолошки нивно бебе. Јас бев само рерна делукс“ – вели Меган.
„Можноста да ги видам Меди и Тајлер како го држат Гус ми беше најголемата награда. Тоа што знаев дека тие можат да бидат мама и тато, што инаку не би можеле, е бесценето. Тоа беше најубавото искуство во мојот живот“ – додава таа.
Сега Меди и Тејлор имаат можност да се грижат за своето биолошко дете, но не без помошта на Меган која им го дава најскапоцениот подарок – мајчино млеко.