Оксана Чусовитина е неверојатна спортистка и силна жена која покажува дека возраста е само бројка. 41-годишната гимнастичарка годинава по СЕДМИ пат учествува на Олимписките игри. Повеќето од нејзините конкурентки се помлади од нејзиниот 17-годишен син, кој еднаш ја победи леукемијата.
Амбициозната спортистка започнала да се занимава со гимнастика во 1982 година, а само десет години подоцна била дел од ЛОИ во Барселона. „Кога ја видов личноста со стрела како стрела во олимписките прстени и тие се палат додека започнува церемонијата, не можев да си поверувам. До ден-денес тоа ми е најубав спомен“ – вели таа.
По распаѓањето на СССР, Оксана ја продолжила својата кариера како претставничка на Узбекистан. Во 1999 година го родила синчето Алишер и успеала да балансира помеѓу тренирањето и мајчинството. По помалку од една година по породувањето, таа се натпреварувала на Олимпијада.
Во 2002 година, нејзиниот 3-годишен син се разболел и започнал да искашлува крв. Докторите имале страшна дијагноза – леукемија. За да има најголеми шанси за успешно лекување, Оксана и нејзиниот сопруг се преселиле во Германија. Бидејќи немале доволно пари за да го покријат лекувањето, тие продале сè што поседувале. Оксана започнала да тренира и да се натпреварува за Германија.
„Се согласив на тоа заради син ми“ – рекла Оксана за вклучувањето во германскиот тим.
Со парите собрани од победи на натпревари и хуманитарна помош од нејзините тренери и меѓународната заедница на гимнастичари, малиот Алишер започнал да се бори за своето здравје.
„Постојано мислев на син ми. Гимнастиката е спорт во кој кога ќе дојдеш до справите, не смееш да имаш странични мисли, бидејќи сè може да заврши лошо. Но, ниту во тие моменти не можев да престанам да мислам на Алишер. Всушност, ако бев повредена, мојот син немаше да може да се лекува. Целата негативност ја оставав во спортската сала и секојпат се враќав кај Алишер охрабрена. По извесно време добив германска работна виза и мојот син можеше да се лекува со осигурувањето“ – објаснила таа.
Во 2008 година, за време на ОИ во Пекинг, Оксана го добила својот прв индивидуален олимписки медал – сребро.
Сепак, највозбудливиот момент за неа допрва следувал. Кратко време по ОИ, докторите ѝ соопштиле дека нејзиниот син ја победил страшната болест. „Медали или не, не е важно кога ќе ја слушнеш таа вест. Медалите не можат ни да се споредат со таков тип на телефонски повик. Кога твојот син е здрав, ниту едно атлетско постигнување не може да се спореди со тоа“ – изјавила таа.
По ОИ во 2012 година, Оксана изјавила дека се пензионира, но набрзо се премислила. Кога ја прашале зошто ја променила одлуката, таа низ шега изјавила: „Јас сум жена“.
Оксана е единствената гимнастичарка која се има натпреварувано на седум ОИ и е една од двете гимнастичарки кои се имаат натпреварувано за три различни национални тима: Обединетата екипа (екипата на Советскиот Сојуз), Узбекистан и Германија.