Кога пилотот Винс Екелкамп заминал на семеен одмор на Хаваи, не можел ни да замисли дека една недела подоцна ќе го управува авионот до дома.
Поради недостиг на пилоти, додека пожарите беснееле на островот Мауи, Винс волонтирал да го управува леталото и вратил 330 лица безбедно дома.
„Ова е трагедија. Со кого и да зборуваш, особено со локалните жители, ќе ти раскажат многу тажни приказни“ – рекол тој.
Винс и неговото семејство отишле на аеродромот на Мауи на 8 август, кога настанал хаос со откажани летови и тие заглавиле таму.
„На денот кога заминувавме, ветерот беше ужасен“ – раскажал Винс и додал дека силните ветришта ја прекинале струјата на островот.
Стјуардесите од Мауи не можеле да стигнат навреме за летовите, а авионските компании не можеле да ги лоцираат поради проблеми со телефонските линии.
„Сè беше во хаос поради пожарите... Ако не бев таму, летот ќе беше одложен. Случајно се најдов на вистинското место, во вистинското време и можев да го направам правилното нешто“ – рекол тој.
Винс го управувал авионот во кратки панталони, поло маица и патики за тенис. Тој сега се шегува дека патниците се чуделе кој е тој додека ги поздравувал на крајот од летот.
Шумските пожари на островот започнаа на 8 август и во нив досега загинаа 111 лица, вклучително и деца, пред сè во историскиот град Лахаина. Се очекува бројот на жртвите да порасне.