Состојбата со коронавирусот во нашата држава загрижува, бидејќи бројката на новозаболени и починати од КОВИД-19 драстично расте.
Во изминатите 24 часа, потврдени се 89 нови позитивни случаи, со што вкупната бројка на заболени се искачи на 2.315. Новите случаи по градови се од:
- Скопје (35),
- Куманово (12),
- Штип (27),
- Прилеп (1),
- Тетово (7),
- Гостивар (1),
- Струмица (1),
- Кочани (4),
- Свети Николе (1).
За жал, има седум нови смртни случаи. Во ГОБ „8 септември“ починаа 6 лица, двајца од Скопје на возраст од 83 и 80 години, двајца од Куманово на возраст од 73 и 66 години, еден пациент од Струга на 44 години и еден од Тетово на 65 години. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина еден пациент од Тетово, 54 години.
Институтот за јавно здравје информираше и дека потврдени се 17 оздравени лица и тоа од Прилеп (12), Велес (3) и Скопје (2).
Во изминатото деноноќие направени се 727 тестови. Од нив, 312 теста се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи. Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје Прилеп и Скопје, а регистрирани се 3 позитивни случаи во геронтолошка установа во Скопје.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминативе 24 часа примени се 2 пациенти, хоспитализирани се вкупно 45 пациенти. Потешко болни и на кислородна поддршка се 16 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 5 нови, а вкупно хоспитализирани 30 пациенти. На респираторна машина се 3, a со потешка клиничка слика се 9 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 5 пациенти, а на домашно лекување се следи 1 пациент. Во болницата во Штип се хоспитализирани 15 пациенти, а на домашно лекување се следат 15 пациенти во стабилна состојба. На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 27 пациенти – позитивни и сомнителни на КОВИД-19.