Љубовта на Нина Нинковиќ кон родителите не познава граници. Приказната за ова мало девојче од Нови Сад, кое се обидува да собере пари за лекувањето на татко си, деновиве го обиколи Балканот.
11-годишното девојче продава крофни на улица по цена од 100 динари (50 денари) за да помогне во собирањето на потребните парични средства.
Нејзината мајка вели дека најпрво никој не сакал да купи крофна за 100 динари, но откако се раширила приказната за намената на парите, сега се чека редица за купување.
„Прво никој не сакаше да купи крофна за 100 динари, но сега се чекаат редици. Почувствувавме многу емпатија и се уверивме дека има навистина добри и прекрасни луѓе. Верувајте, малку ни се по 100 крофни на ден, бидејќи побарувачката е голема. Секој кој купува крофна ја плаќа и повеќе одошто чини, а сега ни бараат и да им испраќаме по пошта“ – изјавила мајката Наташа.
Таткото на Нина, Зоран Нинковиќ, го изгубил видот и едното око во 2016 година поради аблација на ретината.
Во 2022 година, повторно му се појавила аблација и сега може да го изгуби и другото око. Освен што може целосно да ослепи, има ризик и да го изгуби животот. За да замине на лекување во Москва, нему му е потребна поголема парична сума.