Задоволни дечиња, неодоливи аплаузи, ентузијастички актери, простор за развивање на имагинацијата и талентите... Сето ова го одбележа 12-тото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ кое се одржа под мотото „Следи ја светлината“.
Годинава публиката имаше можност да погледне 12 претстави со околу 100 учесници од 10 театри од 9 земји.
Фестивалот започна со театарска работилница со наслов „Митови и легенди за Битола“ под раководство на режисерот Благојче Божиновски, со која преку театар и со театарски јазик децата се доближуваат до процесот на создавање на еден лик и на една детска театарска претстава.
„Покрај дружењето и развивањето на креативноста кај децата основната цел на оваа театарска работилница е што повеќе деца да успееме да ги заразиме со магијата на театарот и на тој начин да започнеме да создаваме нови театарски потковани генерации, кои ќе бидат идната публика со високи театарски критериуми од една страна и преку театар и игра да ги запознаеме со историјата на Битола и со многуте легенди и митови раскажувани за неа низ вековите“ – порачаа од Фестивалот.
Во рамките на Фестивалот публиката уживаше во претставите „Лажеш Мелита“ (Македонија); „Срце во темнината“ (Словенија), „Малиот џин“ на „Мил Рострос“ театарот (Мексико), „Mирно! статуата што го обиколи светот“ во режија на Костас Силвестрос, Панајотис Тофи (Кипар), „Исландска авантура“ (Исланд), „Скитници“ на театарската група „Хипо“ (Грција), „Под половина капка вода“ (Србија), „Каде е Фофо?“ (Израел) и „Лила“ (Хрватска).
Жирито во состав Благој Мицевски, режисер и костимограф, Игор Ивковиќ, театарски режисер и Миодраг Неќак, композитор, ја имаше тешката одлука да избере победник.
Образложувајќи го нивниот избор, Мицевски рече:
„Видовме претстави кои секоја на свој начин го доближа театарот до децата преку: иновативното користење на просторот и начинот да се раскаже приказна за моралните вредности, потоа прекрасно визуелно доживување со употреба на нови технологии зборувајќи на теми за кои не секогаш се зборува, како аутизмот на пример, емотивна приказна со употреба на кукли или традиционална приказна со прекрасна музика и песни, потоа интерактивна претстава за подигнување на свеста за околината, екологијата и бездомните кучиња, исто така скоро хипнотичка интерактивна претстава која на непретенциозен начин го доближува современиот танц до децата, перфектна актерска изведба која преку пантомима раскажува интересна приказна и претстава за секогаш интересниот свет на кловновите кој има моќ да не однесе од другата страна на виножитото. Многу тешко е од сите наведени претстави да се избере најдобра, затоа што на овој или оној начин сите го заслужуваат тој епитет.“
„Сепак една претстава која ги содржи сите елементи во себе, некако ја олесна нашата работа, почнувајќи од извонредната идеја и приказна, перфектната режија и кореографија, извонредните актерски изведби, во живо изведената музика , сценографијата костимите и посебно видео дизајнот што постојано создаваа магија на сцена, успеа да создадат претстава спектакл, каков што до сега не сме виделе. Со интернационален измислен јазик ги освои срцата на публиката и гласовите на жирито. Сигурно погодувате дека станува збор за претставата Мирно, статуата што го обиколи светот на гостите од Кипар. Со други зборови она што е добра претстава добра е за сите возрасти.“
„Наградата ќе им биде врачена на состанокот на асоцијацијата на театри за деца Аситеж на состанокот во Белград во ноември.“
Вон конкуренција беше прикажана претставата „Сомнително лице“ на театарската школа „Бабец театар“.
Битолино“ се одржа на сцените на Центарот за култура, а дел од настаните надвор од натпреварувачката конкуренција се одржаа на сцената на Народниот театар Битола.