Македонските претставници постигнаа големи успеси на 64-тата Интернационална математичка олимпијада во Јапонија.
На престижниот математички натпревар нашите средношколци освоија четири медали и две пофалници.
Дамјан Давков се закити со златен медал, Алексиј Тасиќ освои сребро, а Никола Цветаноски и Никола Спировски си заминаа со бронзени медали. Пофалници им беа доделени на Јан Стојановски и Бранко Јангеловски.
Успесите на македонската репрезентација ги објавија од Сојузот на математичари на Македонија. Прочитајте го нивниот пост:
Ни претставува особена чест да објавиме дека на 64. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2023) – најпрестижниот математички натпревар за ученици од средните училишта, која годинава се одржува од 2.07-13.07.2023 година во Чиба, Јапонија – македонската репрезентација постигна одличен успех!
На овој светски мегдан за извонредност нашата екипа се закити со еден златен, еден сребрен, два бронзени медали и две пофалници.
ДАМЈАН ДАВКОВ (златен медал; со освоени 32 поени)
АЛЕКСИЈ ТАСИЌ (сребрен медал; со освоени 25 поени)
НИКОЛА ЦВЕТАНОСКИ (бронзен медал; со освоени 23 поени)
НИКОЛА СПИРОВСКИ (бронзен медал; со освоени 19 поени)
ЈАН СТОЈАНОВСКИ (пофалница; со освоени 17 поени)
БРАНКО ЈАНГЕЛОВСКИ (пофалница; со освоени 11 поени)
Успехот на овие наши деца е успех за целата татковина!
Им честитаме и им посакуваме уште многу идни академски достигнувања!
И Претседателот Стево Пендаровски им честиташе и им посака уште поголеми успеси на талентираните математичари.
„Честитки за исклучителниот успех на македонскиот тим кој освои еден златен, еден сребрен, два бронзени медали и две пофалници на 64. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2023) – најпрестижниот математички натпревар за ученици од средните училишта која се одржа во Јапонија. Ви посакувам уште многу успеси во иднина!“ – стои во неговата објава.