Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Правилото ABCDE кое може да ве спаси од меланом

Правилото ABCDE кое може да ве спаси од меланом

Малигниот меланом е рак на кожата кој потекнува од меланоцитите. Тоа се клетки кои создаваат меланин, пигмент кој го одредува тенот односно бојата на кожата. Во нормални услови, меланоцитите контролирано се размножуваат, но доколку настане оштетување на ДНК, клетките започнуваат неконтролирана делба и доаѓа до појава на тумор. Причините за оштетување на ДНК може да бидат генетски, но и фактори од околината, како на пример изложување на УВ зрачење.

Меланомот најчесто се развива од веќе постоечки невуси (бемки) на кожата, иако во ретки случаи примарно може да се појави во окото. Станува збор за еден од најсериозните малигноми, бидејќи може да зафати и други органи, да предизвика сериозни нарушувања на здравјето кои тешко се лекуваат и често завршува со смрт. Раната детекција на меланомот е од витално значење, затоа што во најголем дел од случаите може да се обезбеди потполно лечење со мала хируршка интервенција.

Бемка

Со цел превенција и рано откривање на меланомот, освен редовна посета кај дерматолог, потребно е да се практикува самопреглед на кожата на целото тело еднаш месечно.

Правилото ABCDE ќе ви помогне да направите подобра разлика измеѓу бениген невус и невус сомнителен за малиген меланом.

Правило ABCDEПравило ABCDEПравило ABCDEПравило ABCDEПравило ABCDE

A (Asymmetry)– Асиметрија

Бемките кои не се сомнителни за малиген меланом во најголем дел од случаите се симетрични. Тоа значи дека кај бенигниот невус (слика 1) доколку повлечете замислена линија која ќе поминува низ средината, ќе добиете две речиси идентични половини.

Во случај половините да се асиметрични (слика 2), може да станува збор за меланом.

B (Borders)– Граници

Бенигниот невус се карактеризира со добро дефинирани и регуларни рабови (слика 1), за разлика од бемката сомнителна за малиген меланом, која има ирегуларни, назабени, испрекинати рабови кои се недефинирани, па често границата меѓу бемката и околната кожа е нејасна (слика 2).

C (Color)– Боја

Бенигните невуси најчесто имаат униформна пигментација, односно се во една боја која е рамномерно распоредена (слика 1).

Бемките кои имаат повеќе бои (црна, разни нијанси на кафеава, црвена, темно сина, сива, траги на бела боја) или се во една боја, но со хаотична, нерамномерна дистрибуција, се сомнителни за малиген меланом (слика 2 и 3).

D (Diameter)– Дијаметар

Иако бемката не ги поседува претходно наведените карактеристики (асиметрија, промена на граници и боја), доколку има дијаметар поголем од 6 милиметри, потребена е консултација со дерматолог.

Малигниот меланом најчесто е со поголеми димензии, иако во ретки случаи може да се јави и кај бемки помали од 6 милиметри.

E (Evolution)– Еволуција

Која било промена на бемката во однос на боја, форма или големина, која може да биде проследена со чешање, зголемена осетливост или крварење, треба да се сфати сериозно и да се посети дерматолог.

Напомена: Правилото ABCDE во ниту еден случај не е замена за редовните дерматолошки контроли, но е од огромна помош за навремено откривање на малигниот меланом. Затоа, редовно посетувајте го вашиот дерматолог, а при секоја сомнителна промена, веднаш консултирајте го!

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.