Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Мачнина при патување

Мачнина при патување

Летото е сезоната на патувањата. Но, додека повеќето луѓе уживаат во самото патување, многумина се соочуваат со мачнина. Мачнината при движење или патување најчесто се појавува кај децата од 2 до 12 години и многу почесто кај жените отколку кај мажите. Таа може да се појави при патување со автомобил, но исто така и при патување со воз, авион или брод (популарно позната како морска болест).

Зошто се појавува мачнината при патување? Очите, внатрешното уво, кожата и мускулите испраќаат информации до мозокот. Тие информации му овозможуваат на мозокот да одлучи во каква положба се наоѓа телото во просторот, дали се движи и ако се движи, во која насока се движи. Се верува дека мачнината се појавува кога мозокот добива контрадикторни сигнали. На пример, внатрешното уво му кажува дека се движите, а очите дека сте статични.

Жена која чувствува мачнинаЗа време на патувањето може да се појави главоболка, вртоглавица и гадење

Симптоми

Мачнината при патување може да вклучува повеќе симптоми, меѓу кои најчести се:

  • вртоглавица;
  • замор;
  • главоболка;
  • блед изглед на лицето;
  • зголемено лачење на плунка;
  • ладна пот;
  • повраќање.

Симптомите најчесто исчезнуваат веднаш штом ќе исчезне движењето кое ги предизвикувало. Во поретки случаи, може да поминат неколку дена пред целосно да се стабилизирате. Но, ако и по неколку дена симптомите не исчезнат, консултирајте се со специјалист.

Превентивни мерки

Постојат неколку мерки што можете да ги преземете за да ја спречите појавата на мачнина или барем да ги минимизирате симптомите:

  1. Изберете најпогодно седиште. Во зависност од превозното средство, изберете си седиште кое ќе ви овозможи најкомфорно патување.
    • Автомобил: најпогодно место е предното совозачко седиште, затоа што ќе можете да гледате напред во далечината и да бидете подготвени за движењата кои ве очекуваат.
    • Брод: резервирајте си кабина на средината на бродот. Секогаш кога имате можност, излегувајте на палубата и гледајте напред во хоризонтот.
    • Авион: седете до прозорецот и по можност на седиште кое е кај крилјата на авионот. Гледањето низ прозорецот може да ви помогне да ги смирите симптомите.
  2. Никогаш не седете на седиште кое е насочено обратно од насоката во којашто се движите.
  3. Насочете го погледот кон далечината. Гледањето во блиски предмети може да ја влоши ситуацијата. Гледајте во далечината.
  4. Избегнувајте нагли промени на положбата на телото, особено на главата. Држете ја главата потпрена на седиште и гледајте нанапред. Ако сте принудени да се свртите настрана, направете го тоа бавно.
  5. Замолете го возачот да кочи повнимателно и да не забрзува и забавува нагло.
  6. Ако сте во можност, вие бидете возач. Многу е поверојатно мачнината да се појави кај патниците во автомобилот, отколку кај возачот. Но, никогаш не возете ако сте се напиле лекарство против мачнина. Овие лекови предизвикуваат поспаност, па нема да бидете во состојба будно да управувате со возилото.
  7. Не читајте додека патувате. Ако читате додека патувате, внатрешното уво и рецепторите на кожата ќе детектираат дека се движите нанапред, но очите кои се насочени во стабилната книга ќе му пренесат на мозокот дека не се движите. Во таков случај, во мозокот доаѓа до судир на различни информации и ќе дојде до забуна, а вие ќе почувствувате мачнина.
  8. Не гледајте во лаптоп или во својот мобилен телефон. Иако интересните игри или видеа на телефонот или лаптопот ве привлекуваат, подобро е да ги оставите ако знаете дека има шанси да ви се слоши. Здодевноста е подобар избор од непријатната мачнина.
  9. Релаксирајте се. Луѓето кои претходно се соочиле со мачнина може да ги влошат симптомите за време на идните патувања само затоа што очекуваат да им биде лошо. Некои лица на психичка база започнуваат да се чувствуваат лошо уште пред да започнало самото патување. Затоа, релаксирајте се. Вознемиреноста не ви е пријател.
  10. Не гледајте во друга личност којашто има мачнина и не разговарајте со неа.
  11. Ослободете се од силните миризби. Подобро е да нема освежувач на воздухот во автомобилот, отколку дополнително да ве иритира неговата силна арома.
  12. Не пушете. Пушењето само ќе ги влоши симптомите. Исто така, не им дозволувајте и на другите патници во возилото да пушат.
  13. Овозможете си пристап до свеж воздух. Ако не се движите со голем брзина со автомобилот, отворете го прозорецот за да влегува чист воздух.
  14. Не јадете тешка храна и не пијте алкохол пред патување. За да го избегнете гадењето и повраќањето, пред патувањето не треба да јадете обилен оброк составен од пржена или мрсна храна. Исто така, лош избор се и зачинетата храна и алкохолот.
  15. Пред патувањето каснете крекери. Сувите крекери кои не се многу зачинети се најдобар избор на храна за пред патување.
  16. Лечете се со ѓумбир. Се смета дека ѓумбирот го намалува гадењето. Освен за мачнина при патување, тој се препорачува и за утринската мачнина кај бремените жени. Можете да јадете колачиња со ѓумбир или да го консумирате во форма на чај.
  17. Каснете малку лимон. Многумина тврдат дека лимонот им помага да го „избркаат“ чувството на гадење. Носете си неколку парчиња лимон со себе. Кога и да се почувствувате лошо, ставете едно парче во устата.
  18. Размрдајте ја устата со гума за џвакање. Ментолот ќе ви помогне да се освежите, а се смета дека движењето со устата го намалува гадењето и ја намалува потребата за повраќање.

Постојат многу лекови кои можат да ви помогнат да ја избегнете мачнината. Повеќето од нив предизвикуваат поспаност, па оние кои ги земаат, најчесто го преспиваат патувањето.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20788 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.