Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Како да останете будни кога сте уморни?

Како да останете будни кога сте уморни?

Секој се има најдено во ситуација да не може да ги држи очите отворени, а да е принуден да го прави тоа. Воопшто не е лесно да останете будни кога сте на досадни предавања, кога треба да учите за испит, кога сте на долг здодевен состанок или кога возите навечер. Но, и за тоа има лек.

Подолу се дадени неколку совети кои не се варијации на „Спијте повеќе во текот на ноќта“ и „Пијте кафе, а кои ќе ви помогнат да ги победите самовилите што сакаат да ве однесат во светот на соништата.

Жена што учиУчете и работете во светла просторија
  1. Кисело бонбонче. Чувајте си во чантата кисели бонбони од лимон и секогаш кога ќе почувствувате умор и поспаност, ставете едно во устата. Киселиот вкус ќе ве расони.
  2. Гума за џвакање. Свежиот вкус на ментол ќе ви ги отвори очите, а самото џвакање ќе ви ја зголеми способноста да се концентрирате.
  3. Изложете се на светлина. Колку потемна е просторијата во која се наоѓате, толку повеќе ќе паѓате во искушение да ги затворите очите. Седнете до прозорец кој ќе ви овозможи дневна светлина или запалете ги сите светла во просторијата.
  4. Не учете в кревет. Не можете да очекувате дека ќе ја доучите темата ако сте легнати в кревет и завиткани со меко ќебенце. Седнете на стол и држете го ’рбетот исправен.
  5. Пијте многу вода и свежи сокови. Дехидратацијата го зголемува заморот, а со тоа и желбата за кратка дремка. Пијте многу вода или свежи сокови од портокал, јаболко или лимон. Од една страна ќе ја спречите дехидратацијата, а од друга, свежината на соковите ќе ве расони. Ако го практикувате ова, често ќе го посетувате и тоалетот, што ќе ви помогне да направите пауза и да се раздвижите. Единствено е непријатно ако сте на предавања од кои не можете често да излегувате.
  6. Во кризни ситуации причинете си мала болка. Кога другите обиди не успеваат, штипнете се силно. Можеби звучи чудно, но болката ќе ве одржи будни.
  7. Станете и растегнете се. Ако имате можност, џогирајте в место или скокнете в место 10-тина пати. Растегнете ги рацете и вратот, а потоа вратете се на столчето.
  8. Изгледајте смешно видео или помислете на смешна ситуација. Ако сте дома, пуштете си видео кое секогаш ве принудува да се смеете, а ако сте на лекции или состанок, замислете си смешна случка. Се разбира, правете го ова само ако можете да се воздржите да не се насмеете гласно.
  9. Измијте си ги забите. Учите, учите и доаѓа момент во кој си велите „Е не можам повеќе“? Станете и измијте си ги забите. Така ќе се раздвижите и ќе се расоните со вкусот на ментол.
  10. Разговарајте со некого. Направете неколкуминутна пауза и поразговарајте со пријател, член на семејството или колега. Доколку не можете да го сторите тоа лично, јавете му се на телефон. Секогаш има друг колега кој учи цела ноќ како и вас, па јавете му се да го прашате како му оди со материјалот.
  11. Запејте динамична песна. Учите до доцна, немате со кого да поразговарате, а сте во голема криза. Тогаш, пуштете си рок или денс музика која секогаш ве крева од столчето. Ставете си слушалки и пуштете си гласно барем 1-2 песни.
  12. Прошетајте надвор. Одете до продавница и купете си овошје. Ќе вратите со повеќе енергија и поголемо внимание кон она што го правите.
  13. Разладете се. За веднаш да ги отворите очите, измијте го лицето со ладна вода. Исто така, намалете го греењето во просторијата во која се наоѓате. Топлото ги затвора очите.
  14. Движете ги рацете или нозете. На предавања, запишувајте колку што можете повеќе забелешки. Пишувањето ќе ви ја зголеми концентрацијата. Движете ги нозете под масата, исто како кога сте нервозни.
  15. Менувајте ги задачите за да ја убиете досадата. Кога правите едно исто нешто подолго време, започнува да ви станува досадно и нормално е да помислувате на спиење. Ако почувствувате дека ви доаѓа дремка додека учите теорија, започнете да решавате задачи ако се вклучени во вашиот предмет. Или пак, започнете да учите нова поинтересна тема. Ако сте на работа, започнете да работите нешто ново. Разнообразните задачи ќе ви помогнат подобро да се фокусирате.
  16. Грицкајте сончоглед или семки од тиква. Движењата кои ќе ги правите со устата и рацете ќе ви помогнат да останете концентрирани и будни.
  17. Наместете си аларм кој ќе ѕвони на секои 10-15 минути. Ако учите изморени, звукот од алармот ќе ве спречува да задремете. Поставете го будилникот или мобилниот подалеку од вас за да бидете принудени да станете и да го изгаснете алармот.

А кога ништо не успева и телото ви кажува дека не може да остане будно, дремнете 15-25 минути, но не подолго. Кратката дремка ќе ве освежи и ќе ве подготви повторно да им се вратите на задачите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.