Почетна » Здравје » Интимно » Пубертетот кај девојките

Пубертетот кај девојките

Пубертетот е процес на неколкугодишни физички, психички и емотивни промени низ кој поминуваат сите лица со нормален развој. Телото забрзано се менува, но истовремено настапуваат промени и во начинот на којшто адолесцентот гледа на светот околу него.

Девојка

Повеќето луѓе го помнат пубертетот како непријатен период – акни, видливи влакна на одредени места по телото, покачување на телесната тежина, непознати нови чувства, посилен мирис на телото, чести промени во расположението... Преодот од дете во возрасна личност е уникатен за секоја девојка. Додека кај некои започнува порано и се случува со голема брзина, кај други симптомите се појавуваат неколку години подоцна и се нижат со бавно темпо. Независно од разликите, факт е дека секоја млада личност минува низ овој процес на сексуално созревање кој го подготвува телото за репродукција.

Кога започнува пубертетот кај девојките?

Една од разликите помеѓу пубертетот кај девојките и момците е токму возраста на којашто започнуваат големите промени. Кај претставничките на понежниот пол пубертетот започнува порано, па така првите симптоми се појавуваат најчесто во периодот од 8 до 13-годишна возраст. Од друга страна, момците најчесто влегуваат во пубертет од 10 до 16-годишна возраст.

Забележано е дека девојките со поголема телесна тежина влегуваат во пубертет порано од оние кои се спортски градени или се многу слаби.

Во последниве неколку години активно се дебатира за раното влегување во пубертет на децата. Факт е дека со текот на годините се намалува возраста на која децата започнуваат да созреваат, особено кај девојчињата. Последните релевантни истражувања објавени од Американската академија на педијатри, велат дека просечната возраст на почетокот на пубертетот кај девојчињата е во константно опаѓање – во 1860 година била 16,6 години, во 1920 била 14,6 години, во 1950 била 13,1 години, во 1980 била 12,5 години, а во 2010 година паднала до 10,5 години. Сè почесто кај девојчињата првите симптоми на пубертетот се појавуваат пред 10-годишна возраст.

За најголемиот дел од девојчињата испакнувањето на градите е првиот знак на телесното созревање.

Какви промени настапуваат кај девојките за време на пубертетот?

Виновници за видливите и невидливите промени кај девојките во пубертет се хормоните. Всушност, естрогенот предизвикува најмногу промени во женското тело.

Девојка

Еве кои промени се најкарактеристични за пубертетот кај девојките:

Развивање на градите

Процесот на растење на градите започнува со незначително отекување под брадавиците, а продолжува со зголемување на целата област. Можно е да се појави чешање и неудобно чувство, но тоа е нормално. Исто така не е реткост појавата на разлика во големината на градите.

На градите може да им бидат потребни и до 5 години за да ја достигнат крајната форма и големина, кои во голема мера се наследни. Добро е да се знае дека сите гради, независно од нивната големина, се способни да произведат доволно млеко кога ќе дојде време за тоа. За време на пубертетот тинејџерките учат и дека периодот пред менструацијата се карактеризира со чувствителни и отечени гради.

Појава на влакна на интимната регија и други делови од телото

Влакната на интимните делови се појавуваат кратко по започнувањето на растењето на градите. Во почетокот тие се ретки и прави, но со текот на времето стануваат сè потемни, погусти и започнуваат да се виткаат. Срамните влакна најчесто формираат триаголна форма во интимната зона.

Други делови од телото кои најчесто стануваат влакнести во овој период се пазувите, а влакната на нозете и рацете и над усните може да станат позабележливи.

Доколку забележите појава на темни влакна во пределот на градниот кош или на брадата, обратете се кај стручно лице за да се осигурате дека немате хормонални проблеми.

Зголемено потење

Поизразеното потење и промената на миризбата на потта се нормална појава во пубертетот. Виновници за тоа се хормоните.

Во овој период хигиената е најважна. Туширајте се секој ден, употребувајте антиперспиранти под пазувите, носете памучни чорапи и менувајте ги често обувките за да ја елиминирате лошата миризба.

Растење на телото и зголемување на телесната тежина

Девојките стануваат повисоки и тоа многу побрзо од нивните врсници од спротивниот пол. Колковите започнуваат да се шират и телото придобива женствени облини.

Телесната тежина се покачува. Зголемувањето на мастите во телото е нормално и потребно за репродукција и за здрави менструални циклуси.

Експлозивното растење на телото е побрзо отсекогаш, со исклучок на првата година од животот. Често девојките растат 5-20cm, а некои девојки и многу повеќе. Забрзаното растење на телото обично завршува 2 години по почетокот на менструалните циклуси.

Појава на вагинален исцедок

Белиот исцедок на гаќичките е уште еден знак дека хормоните го менуваат телото. Вагиналниот исцедок е начин на кој организмот ја одржува вагината влажна и чиста. Тој треба да биде безбоен или бел и да нема силна миризба. Потребно е да се побара помош од стручно лице доколку неговата боја е зелена, темно жолта или ако има силен мирис – тоа може да е симптом на вагинална инфекција.

Појавата на вагинален исцедок е предзнак на првата менструација, т.е. сигнал дека преостануваат околу 6-18 месеца пред настапувањето на менархата.

Почеток на менструалните циклуси

Менархата, првата менструација, го означува почетокот на репродуктивниот период од животот на секоја жена. Таа најчесто настапува околу две години по стартот на пубертетот. Менструацијата во првите две години е непредвидлива и често девојките имаат нередовни циклуси.

Заедно со менструацијата девојките започнуваат да се соочуваат и со симптомите на предменструалниот синдром (ПМС).

Појава на акни на кожата

Акни – ниту една девојка не ги посакува, но речиси сите ги добиваат. Тие се еден од најиритирачките симптоми на пубертетот. Кожата станува помасна, коешто води до појава на мозолчиња, бели и црни точки. Најмногу акни се појавуваат на лицето, но освен на лицето, акните се појавуваат и на горниот дел од грбот и над градите. Добрата вест е што во најголем дел од случаите тие исчезнуваат заедно со пубертетот.

Промени во расположението

Личност која плива во тинејџерските води во еден момент може да се чувствува најенергична и најсреќна, а веќе во следниот, да биде тажна и да посакува самотија. Често се случува девојките кои влегуваат порано во пубертетот да имаат намалена самопочит и да не се задоволни со своето тело.

Карактеристична за овој период е појавата на хиперсензитивност. Понекогаш и најдобронамерните коментари можат да ги вознемират тинејџерките.

Пубертетот носи и нови чувства. Во тие години се развива и сексуалната љубопитност.

Кога завршува пубертетот?

Потребни се неколку години за женското тело да мине низ сите пубертетски промени. Во просек, девојките излегуваат од пубертет на 15 до 17-годишна возраст.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.