Почетна » Здравје » Интимно » Кандида: Габична вагинална инфекција

Кандида: Габична вагинална инфекција

Еден од најчестите гинеколошки проблеми со кој се соочуваат жените се габичните вагинални инфекции. Се смета дека околу 75% од женската популација во одреден период од животот ќе се соочи со ова заболување. Станува збор за инфекција на вагината и вулвата, која е предизвикана од габи. Најчестиот причинител е Candida albicans (во повеќе од 90% од случаите).

Жена

Зошто се јавува и кои се ризик фактори?

Физиолошки, голем број на микроорганизми на чело со Lactobacillus ја сочинуваат нормалната вагинална микрофлора. Овие микроорганизми одржуваат ниво на pH на вагината од 3,8 до 4,2, со што се оневозможува развој на патогени микроорганизми.

Доколку се наруши нормалниот баланс на вагиналната микрофлора, може да настане инфекција на вагината (вагинитис). Ако при нарушувањето на балансот на микрофлората, бројот на габи абнормално се зголеми, настанува габичен вагинитис (инфекција на вагината предизвикана од габи).

Најголемите ризик фактори за појава на габична вагинална инфекција (ГВИ) се:

  • Долготрајна употреба на антибиотици. Долготрајната употреба на антибиотици може да доведе до нарушување на балансот на микрофлората во вагината и намалување на нивото на Lactobacillus, а со тоа да се зголеми ризикот за појава на ГВИ.
  • Дијабетес. Се смета дека кај луѓето кои страдаат од дијабетес, а не примаат соодветна терапија, поради покаченото ниво на шеќер во крвта, може да се јави габична инфекција.
  • Зголемување на нивото на естрогени. Дел од истражувањата потврдуваат дека има зголемена инциденца на ГВИ кај жени кои имаат покачено ниво на естрогени (при бременост, употреба на орални контрацептиви итн.).
  • Нарушен имунитет. Намалениот имунитет исто така овозможува развој на габични инфекции. Особено зголемен ризик имаат заболените од ХИВ и луѓето со малигни болести кои примаат соодветна терапија.
  • Сексуална активност со честа промена на партнери. Преносот на габична инфекција меѓу сексуалните партнери е возможна. Затоа, се советува практикување на заштитен сексуален однос.
  • Употреба на средства кои може да го нарушат балансот на вагиналната микрофлора. Несоодветни гелови за интимна нега, употреба на интраутерини контрацептивни средства и несоодветни лубриканти може да го нарушат вагиналниот баланс.

Кои се симптомите и знаците?

При габична инфекција на вагината, клиничката слика може да вклучува:

  • Густ, беличест вагинален исцедок;
  • Чешање на вагината;
  • Печење на вагината;
  • Црвенило и оток на вулвата;
  • Печење при уринирање;
  • Болка при сексуален однос.

Габичната инфекција може да се појави и кај мажи. Во таков случај, симптоматологијата вклучува:

  • Чешање на главата на пенисот;
  • Печење на главата на пенисот;
  • Црвенило и иритација на главата на пенисот;
  • Печење при уринирање.

Доколку забележите некој од овие симптоми и знаци, консултирајте се со вашиот лекар.

Дијагноза

Жена

Клиничката слика на габичната вагинална инфекција е слична со други генитални болести, па затоа е потребно покрај физикалниот преглед, да се направат дополнителни испитувања. Најчесто се зема примерок од вагиналниот секрет кој се гледа под микроскоп, со цел да се утврди дали постои абнормален број на кандида.

Засадувањето на култура не секогаш може да даде дефинитивна дијагноза, бидејќи кандидата е и нормален жител во човековиот организам и може да се добијат лажни резултати.

Лекување

Постојат повеќе тераписки опции за лекување на габична вагинална инфекција. Може да се користи локална или орална терапија, специфична за лекување на инфекции кои се предизвикани од габи (антимикотични средства).

Еден од најефикасните орални препарати за борба против ова заболување е Fluconazole, a од локалните препарати најчесто се употребуваат Clotrimasole, Terconazole, Miconazole, Nystatin и др.

Внимание! Оралните медикаменти може да предизвикаат низа несакани ефекти како гадење, повраќање, абдоминална болка, главоболка и др.

Што ако лекувањето не е успешно?

Во одредени случаи и покрај соодветно препишаната терапија, симптомите и знаците сè уште се присутни. Доколку по 7-14 дена ги имате истите проблеми и покрај тоа што ги следевте советите на вашиот гинеколог, тоа најчесто е знак дека лекувањето не е успешно.

Постојат повеќе причини за ваквиот исход. Во голем број од случаите, тоа се должи на несоодветно поставена дијагноза и наместо за габична, може да станува збор за бактериска вагиноза, која предизвикува слична симптоматологија.

Што ако габичната инфекција често се повторува?

Доколку кај жената габичната вагинална инфекција се повтори 4 или повеќе пати во рок од една година, станува збор за рекурентна инфекција. Во тој случај, потребни се дополнителни испитувања, затоа што рекурентната инфекција може да биде резултат на намален имунитет или да биде знак за присуство на некое друго заболување.

При повторување на ГВИ, најчесто се советува пролонгиран третман со орални или локални медикаменти, или нивна комбинација.

Најдобар лек е превенцијата.

Прочитајте повеќе: Превенција на вагинални габични инфекции»

Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19765 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.