Почетна » Здравје » Заболувања » Симптоми и знаци кај ревматоиден артритис

Симптоми и знаци кај ревматоиден артритис

Ревматоидниот артритис (РА) е системско и автоимуно заболување, кое се јавува кога имуниот систем се насочува предоминантно против зглобовите, поретко кон другите органи и предизвикува хроничен инфламаторен процес. Болеста почесто ги афектира жените и вообичаено се јавува во најпродуктивниот адултен период, достигнувајќи го пикот помеѓу 35-тата и 50-тата година од животот.

Ревматоидниот артритис е системска болест, бидејќи покрај тоа што ги афектира зглобовите, може да зафати и други органи. Според тоа, клиничката слика на ревматоидниот артритис вклучува артикуларни манифестации (симптоми и знаци кај зглобовите) и екстраартикуларни манифестации (симптоми и знаци кои се јавуваат кај други органи и органски системи). Ревматоидниот артритис

Артикуларни манифестации

Главната карактеристика на ревматоидниот артритис е воспаление на зглобовите, поточно инфламација на нивната синовијална мембрана (сврзно ткиво коешто ја обложува внатрешната површина на зглобовите), позната како синовитис. Најчесто почетокот на болеста е полиартикуларен (зафаќа повеќе од 4 зглоба), поретко е олигоартикуларен (зафаќа од 2 до максимум 4 зглоба) или моноартикуларен (афектиран е само еден зглоб). Типично е што зафаќањето е симетрично, па така се јавува воспаление на двете колена, двете рамена или рачни зглобови.

Доколку е присутно воспаление на одреден зглоб, тогаш тоа клинички се манифестира со:

  1. Оток. Кај зафатените и инфламирани зглобови oд РА многу често доаѓа до појава на оток. Се смета дека причината е комбинација на процеси, кои вклучуваат пролиферација и хипертрофија на синовијалната мембрана, акумулација на инфламаторна синовијална течност и задебелување на зглобната капсула.
  2. Болка. Болката е најчестиот симптом при ревматоиден артритис. Се смета дека болката е со потекло од зглобната капсула, која е богато снабдена со болни нервни влакна. Доколку лицето страда од ова заболување, тогаш таа во поголема или помала мера е постојано присутна. Се потенцира при движење, односно при дистензија и истегнување на зафатените зглобови. Може да биде индикатор за тоа кои зглобови се афектирани, но интензитетот на болката не колерира со степенот на воспалението.
  3. Вкочанетост. Утринската вкочанетост е една од главните карактеристики на ова заболување. Тоа е чувство на здрвеност на болните зглобови, коешто може да трае од еден до неколку часа во текот на денот. Откако тоа ќе попушти, дури тогаш болниот ќе биде во состојба да ги извршува секојдневните активности. Се претпоставува дека овој непријатен симптом се јавува поради акумулација на течност во инфламираните ткива на зглобот за време на спиењето. Колку е подолготрајна утринската вкочанетост, толку е болеста поактивна.
  4. Топлина. Топлината може да се јави кај дел од афектираните големи зглобови како што е коленото. Се смета дека појавата на зголемената локална температура е резултат на синовитисот (воспалението на синовијалната мембрана).
  5. Црвенило. Локалното црвенило се јавува во ретки случаи и најчесто е придружено со болка и оток на зафатениот зглоб.
Ревматоидниот артритис

Во текот на својата еволуција, ревматоидниот артритис може да ги зафати практично сите зглобови вклучително и:

  • Интерфалангеални и рачни зглобови. Ова се најчесто зафатените зглобови при РА. Промените на малите зглобови на шаките се главно симетрични, пропратени се со оток и болка, поради што изразено е ограничувањето во движењето.
  • Лакотен зглоб. Воспалението на синовијалната мембрана на лактите во ран стадиум од болеста води до слабеење на лигаментите кои го прицврстуваат зглобот. Многу често лицата кои страдаат од РА и имаат воспаление на лакотните зглобови, не ни забележуваат дека не можат да направат полна екстензија на лактот, односно подлактицата да ја доведат во анатомска позиција.
  • Рамен зглоб. Раменските зглобови најчесто обострано се зафатени и се афектирани кај околу 50% од заболените, а кај повозрасни мажи и до 80%. Главните симптоми се болка, особено во текот на ноќта и ограничени движења. Отокот ретко се јавува кај рамениот зглоб.
  • Стапалото и скочниот зглоб. Овие зглобови се афектирани во раниот стадиум со приближно иста застапеност како и зглобовите на шаката. Најчесто е зафатен предниот дел на стапалото, присутени се оток, болка и ограничување во движењето. Како што прогредира болеста, доаѓа до проширување на прстите нанадвор и навнатре, па се јавуваат деформитети на стапалата како hallux valgus и канџести прсти.
hallux valgusHallux valgus
  • Колено. Коленото е еден од најчесто зафатените зглобови при ревматоиден артритис. Кај околу 30% се јавува во ран стадиум на болеста. Болка, оток и ограничување во движењето се тегобите кои се јавуваат при инфламаторен процес на коленото.
  • Колк. Клиничката манифестација на ревматоиден артритис на колковите не се јавува во ран стадиум на болеста. Сепак, околу 20% од заболените имаат значителна прогресија на болеста на колкови што претставува голем хендикеп. Главни карактеристики при афекција на колкот се болка и болна осетливост при допир, отежнат од и накривување при одење.
  • Виличен (Темпоромандибуларен) зглоб. Виличниот зглоб е променет кај 50% од заболените. Доколку е афектиран овој зглоб, тогаш пациентот чувствува вкочанетост и болка, која особено е изразена при допир, а многу често болката е толку голема што лицето не може да ја отвори устата.
  • Интервертебралните зглобови. Промените на зглобовите на ‘рбетот може да доведат до појава на главоболка, чувство на трнење на рацете и нозете или во исклучително ретки случаи, поради компресија на спиналното стебло, да се јави инконтиненција на сфинктерите. Како што прогредира болеста, може да предизвика иритација на крвните садови кои ги хранат интервертебраните зглобови, што би можело да доведе до повраќање, отежнато голтање, гледање двојни слики, транзиторно губење на видот.

Екстраартикуларни манифестации

И покрај тоа што РА предоминантно се јавува кај женскиот пол, кога станува збор за екстраартикуларните симптоми и знаци, тие почесто се манифестираат кај мажите.

Екстраартикуларните манифестации вклучуваат:

  1. Кожни манифестации. Ревматоидните нодули се најчеста кожна манифестација кај РА и се застапени кај 20-30% од заболените. Тие претставуваат цврсти поткожни формации кои главно се јавуваат на површини изложени на механички притисок, како интерфалангеалните зглобови, лактите, на Ахиловата тетива. Поретко, ревматоидните нодули може да се јават во белите дробови, менингите, миокардот, перикардот и да дадат симптоматологија во зависност од местоположбата.
  2. Хематолошки манифестации. Анемијата се јавува скоро кај секое лице кое страда од РА во одреден стадиум на болеста. Причините за појава на анемија при РА може да бидат отежнато искористување на железото од страна на еритроцитите, намалена ресорпција, намалена еритропоеза, намален животен век на еритроцитите или микрокрварења во гастроинтестиналниот тракт. Анемијата колерира со активноста на болеста, односно се засилува при влошување и се смирува при подобрување на РА. Особено е важно да се знае дека ревматоидната анемија не одговара на вообичаените третмани за анемија, всушност лекувањето е индиректно, преку лекувањето на РА. Покрај анемијата, може да се јави неутропенија, тромбоцитопенија или тромбоцитоза.
  3. Белодробни манифестации. Белодробна фиброза, воспаление на плеврата и појава на ревматоидни нодули во белите дробови се само дел од низата манифестации на респираторниот систем при РА.
  4. Бубрежни манифестации. Нарушувањата на бубрезите како гломерулонефритисот се јавуваат кај 40% од заболените. Нивната појава често може да биде проблематична, бидејќи тешко е да се определи дали се составен дел од заболувањето или се резултат од дадената терапија за лекување на РА.
  5. Очни манифестации. Очните манифестации вклучуваат еписклеритис и склеритис, односно воспаление на склерата. Симптомите можат да бидат со различен интензитет и многу ретко доведуваат до слепило.
  6. Кардиоваскуларни манифестации. Најчестата манифестација на РА oд кардиоваскуларниот систем е перикардитисот, односно воспаление на перикардот (срцевата обвивка). Симптомите при перикардитис може да вклучуваат јака, прободувачка болка во градите, глад за воздух, тахикардија.
  7. Невролошки манифестации. Периферната невропатија е невролошка манифестација и се јавува кај мал дел од пациентите со РА. Причината за појава на оваа компликација е развојот на васкулитис на малите крвни садови, кои ги исхрануваат нервите, со што се предизвикува демиелинизација и исхемична невропатија. Симптомите за периферна невропатија се болка на стапалата и потколеницата, чувство на трнење, боцкање и печење, намалена или зголемена чувствителност при допир, синдром на немирни нозе, мускулна слабост итн.
Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20096 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.