Почетна » Здравје » Заболувања » Сè што треба да знаете за високиот крвен притисок (артериска хипертензија)

Сè што треба да знаете за високиот крвен притисок (артериска хипертензија)

Високиот крвен притисок или артериска хипертензија претставува патолошка состојба при која во артериите владее покачен крвен притисок, односно систолен притисок над 140mmHg, а дијастолен притисок над 90mmHg.

Хипертензија

Најчесто се зголемени и систолниот и дијастолниот притисок истовремено. Но, постојат случаи каде е зголемен само систолниот или само дијастолниот притисок. Тогаш станува збор за конвергентен тип на хипертензија. Доколку систолниот притисок е покачен, а дијастолниот е намален, зборуваме за дивергентен тип на хипертензија.

Систолен крвен притисок (mmHg) Дијастолен крвен притисок (mmHg)
Оптимален притисок <120 <80
Нормален притисок <130 <85
Висок нормален притисок 130 - 139 85 - 89
1 степен
(лесна хипертензија)
140 - 159 90 - 99
Подгрупа: гранична 140 - 149 90 - 94
2 степен
(умерена хипертензија)
160 - 179 100 - 109
3 степен
(тешка хипертензија)
≤180 ≤110
Изолирана систолна хипертензија >140 <90

Табела: СЗО класификација на хипертензијата според висината на крвниот притисок кај возрасни над 18 години

Крвниот притисок е „силата“ поради која крвта континуирано се движи низ крвните садови. Тој зависи од волуменот на крв што срцето го пумпа во минута и периферниот васкуларен отпор на кој крвта наидува при движење низ крвните садови. Доколку срцето пумпа поголемо количество на крв (зголемен минутен волумен), и/или луменот на артериите е намален (зголемен периферен васкуларен отпор), крвниот притисок се зголемува, односно се јавува артериска хипертензија.

Артериската хипертензија е комплексно и мултифакториелно заболување со мозаичен механизам на настанување и во најголем дел од случаите причината за појава на болеста е непозната, односно не може да се објасни со еден патомеханизам применлив кај сите пациенти, па овој тип на хипертензија се нарекува примарна или есенцијална хипертензија.

Кај мал дел од случаите (помалку од 5%) причините за појава на покачениот крвен притисок се познати и овој тип на хипертензија се нарекува секундарна или симптоматска хипертензија. Тука спаѓаат бубрежна, ендокринолошка, кардиоваскуларна, неврогена хипертензија и хипертензија специфична за бременост.

Причини за примарна хипертензија

Постојат голем број на различни фактори кои се преплетуваат во етиологијата и патогенезата на есенцијалната артериска хипертензија. Најчесто станува збор за:

  • Зголемен внес на сол. Консумирање на храна со зголемено количество на натриум предизвикува задршка на течности, а со тоа и покачување на крвниот притисок.
  • Дебелина. Колку е поголема вашата телесна тежина, толку е поголема потребата од крв со цел да се обезбеди доволна количина на кислород и нутритивни материи за ткивото. Поради зголемениот крвен волумен што циркулира низ крвните садови, настанува зголемување на притисокот.
  • Генетски фактор. Доколку имате позитивна фамилијарна анамнеза, односно некој член во вашето семејство страда од висок крвен притисок, тогаш ризикот за да добиете артериска хипертензија е поголем.
  • Зголемена консумација на алкохол. Со тек на време, прекумерното пиење алкохол може да го оштети вашето срце и да го зголеми крвниот притисок.
  • Намалена физичка активност. Физичката инактивност го зголемува ризикот за појава на покачен крвен притисок и зголемена телесна тежина.
  • Стрес. Стресните ситуации може да доведат до привремено, но драматично зголемување на крвниот притисок. Доколку сте во стресна ситуација и се обидувате да се релаксирате со помош на цигари, прекумерно консумирање на храна или алкохол, со тоа само дополнително ја влошувате состојбата и негативно влијаете врз нивото на крвниот притисок.
  • Возраст. Ризикот за покачен крвен притисок се зголемува со возраста.
  • Недостаток на витамин Д. Сè уште не е докажано дали дефицитот на витаминот Д може да доведе до покачување на крвниот притисок, но со сигурност се знае дека овој витамин учествува во создавањето на ензим во бубрезите кој директно влијае врз нивото на крвниот притисок.
  • Одредени хронични состојби. Бубрежните заболувања, дијабетесот и високото ниво на холестерол го зголемуваат ризикот за појава на артериска хипертензија.

Причини за секундарна хипертензија

Секундарната хипертензија може да биде резултат од разни заболувања како: полицистична бубрежна болест, гломеруларни заболувања, компликации од дијабетес (дијабетична нефропатија), реноваскуларна хипертензија (стеснување на луменот на реналните артерии), Кушингов синдром, алдостеронизам, феохромоцитом, болести на тироидна жлезда, хиперпаратироидизам, коарктација на аорта, бременост и др.

Симптоми и знаци на покачен крвен притисок

Во почетокот може да недостасуваат субјективните тегоби, па болеста се открива случајно или при систематски преглед и мерење на крвниот притисок. Најчести симптоми и знаци кај примарната хипертензија се:

  • Отежнато дишење при напор;
  • Нервоза;
  • Прекордијални болки;
  • Главоболка;
  • Депресија;
  • Angina pectoris;
  • Палпитации;
  • Губење на свеста;
  • Отежнато дишење при мирување;
  • Крварење од носот;
  • Енцефалопатија.

Кај младите лица кои страдаат од лабилна хипертензија се забележуваат невровегетативни пореметувања како прекумерно потење, брза промена на бојата на кожата на лицето, пореметување на сонот, ладни дланки и стапала, лупање на срцето, утрински главоболки после будење, иритабилност, а кај постарите зуење во ушите, главоболка во пределот на тилот, гушење и хемоптизи (искашлување на крв).

Компликации

  • Артериосклероза. Повеќе од 60% од пациентите со фиксирана хипертензија страдаат од артериосклероза. Тоа е состојба која се карактеризира со промена на ѕидот на крвните садови. Здравите артерии се флексибилни и еластични. При артериосклерозата, поради покачениот крвен притисок, ѕидот на артериите се променува, се јавува задебелување, крутост на ѕидот и губење на еластицитетот. Како резултат на тоа, настанува ограничување на протокот на крвта до органите и ткивата и појава на низа компликации: срцев или мозочен удар, ренопатија и ретинопатија која може да доведе до загуба на видот.
  • Аневризми. Зголемениот крвен притисок може да предизвика слабост на ѕидот на крвните садови и создавање на аневризми. Руптура на аневризма е животозагрозувачка состојба.
  • Кардиоваскуларни компликации. Оштетувањето на срцето во текот на хипертензија е непобитно утврдено. Може да се јави хипертрофија на лева срцева комора, срцева инсуфициенција и коронарна артериска болест.
  • Церебрални компликации. Во оваа група спаѓаат мозочни крварења, мозочен инфаркт после тромбоза или исхемија, мозочен инфаркт после емоболија, интермитентна церебрална исхемија без инфаркт. При хипертензивна криза може да се јави и акутна хипертензивна енцефалопатија.
  • Метаболен синдром. Овој синдром вклучува повеќе нарушување на метаболизмот – високо ниво на триглицериди, зголемена циркумференца на половината, низок HDL (добар холестерол), висок крвен притисок и високо ниво на инсулин. Доколку страдате од висок крвен притисок, постои можност да е застапена и друга компонента од метаболниот синдром. Колку повеќе компоненти се присутни, толку е поголем ризикот за развој на дијабетес, срцеви и церебрални заболувања.
  • Проблем со меморијата и когнитивните функции. Неконтролираната хипертензија може да го наруши процесот на размислување, помнење и учење.

Дијагноза

Со цел дијагностицирање на артериската хипертензија се применуваат одредени дијагностички процедури и постапки:

  • Анамнеза.
  • Физикален преглед. Се прави целосен клинички преглед, а посебно внимание се посветува на мерењето на крвниот притисок, бидејќи голем број на хипертензитивни индивидуи особено на почетокот на болеста не манифестираат никакви симптоми.
  • Лабораториски испитувања. Овие испитувања имаат за цел да диференцираат дали станува збор за примарна или секундарна хипертензија, дали е присутно оштетување на целните органи и дали има други метаболни нарушувања. Најчесто во урината се испитува седимент, гликоза, протеини, а во крвта гликоза, уреа, креатинин, HDL и LDL холестерол, триглицериди, протеини, албумини, хематокрит.
  • По потреба се прават и дополнителни испитувања како ехосонографски преглед на бубрези и надбубрежни жлезди, преглед на очно дно, 24-часовно амбулантско мониторирање на крвниот притисок, ЕКГ, ехокардиографски преглед, Doopler на периферните крвни садови, на каротидните и реналните артерии.

Природни начини да го контролирате високиот крвен притисок

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.