Почетна » Здравје » Заболувања » Рак на грлото на матката

Рак на грлото на матката

Јануари е месец за подигање на свеста за сериозното заболување рак на грлото на матката. Тоа е уште една причина плус да му обрнеме внимание на овој глобален здравствен проблем, кој што станува кошмар за околу 500 000 нови жени секоја година.

Што претставува ракот на грлото на матката?

Рак на грлото на матката

Ракот на грлото на матката е еден од најчестите видови рак кој ги зафаќа женските полови органи. После ракот на дојката, тој е втората најчеста причина за смртност од рак кај женската популација.

Ракот на грлото на матката го зафаќа најдолниот дел на матката, кој што уште се нарекува и цервикс. Цервиксот ги спојува вагината со матката или утробата. Ракот се појавува кога абнормални клетки на цервиксот растат без контрола.

За среќа, ако се открие рано, овој тип на рак во повеќето случаи може да биде излечен. Најефикасен начин за навремено откривање на ова страшно заболување е редовната контрола и ПАП тестовите. Благодарение на подигањето на свеста кај жените и ПАП (Папаниколау) тестовите, стапката на смртност од рак на грлото на матката опадна значително во последните 50 години.

Симптоми

Најраните стадиуми на ракот на грлото на матката се асимптоматски, т.е. не се појавуваат никакви симптоми. Овој факт уште еднаш потврдува колку се важни регуларните контроли за раното откривање и спречување на развивањето на болеста.

Но, ако ракот започне да се развива, може да се појават следните симптоми:

  • Крварење од вагината помеѓу две менструации;
  • Крварење и болка за време на сексуален однос;
  • Крварење по менопаузата;
  • Болки во долниот ден на стомакот;
  • Засилен вагинален секрет со силна миризба, кој може да содржи и траги од крв;
  • Целосно слабеење на организмот.

Ако забележите некои од овие симптоми, не треба веднаш да заклучите дека имате рак. Дел од овие симптоми може да се појават како резултат на инфекција или некоја сексуално пренослива болест. Но, во секој случај треба да посетите гинеколог за да ви направи преглед и потребните испитувања.

Причини за појавата

Најчест причинител на ракот на грлото на матката се смета дека е ХПВ (хуман папилома вирус) вирусот. Овој вирус е најчестата сексуално пренослива инфекција во светот. ХПВ е изолиран во 99.7% од сите случаи на рак на грлото на матката.

Постојат над 100 типови од овој вирус, но сите типови не предизвикуваат рак. Високоризични типови се (ХПВ 16, 18, 31, 33, 45), а нискоризични (ХПВ 6, 11, 40 , 44). Само ХПВ 16 предизвикува околу 50% од сите случаи на рак, а ХПВ16 заедно со ХПВ 18 – 70% од случаите на рак на грлото на матката.

Може да го имате овој вирус многу години и никогаш да не дознаете за тоа. Но, може и да стои во телото и после многу години да предизвика рак. Затоа е многу важно редовно да се прават контроли.

Ризични групи

Иако за најголем дел од случаите на рак на грлото на матката може да се каже дека ХПВ вирусот е главен причинител, сепак постојат и други фактори кои го зголемуваат ризикот од појава на ова заболување.

Следните фактори придонесуваат за поголем ризик од појава на рак на грлото на матката:

  1. Голем број сексуални партнери. Колку што е поголем бројот на сексуалните партнери, толку е поголема веројатноста дека некој од нив го има вирусот ХПВ.
  2. Рани сексуални односи. Сексуалните односи пред 18 години го зголемуваат ризикот од заразување со ХПВ. Незрелите клетки се посклони кон преканцерогени промени што може да бидат предизвикани од ХПВ.
  3. Други сексуално преносливи болести. Ако имате други СПБ-и како кламидија, гонореја, сифилис или сида, големи се шансите да го имате во себе и вирусот ХПВ.
  4. Пушење. Не е установена прецизна врска помеѓу ракот на грлото на матката и пушењето, но е познато дека тутунот ги зголемува шансите за појава на рак. Пушењето и ХПВ вирусот може да работат како сојузници против вас.
  5. Слаб имунолошки систем. Повеќето жени кои го имаат ХПВ вирусот немаат никакви проблеми со вирусот и го носат во себе без да знаат. Кај нив не се појавува рак. Но, ако кај жените кои имаат ХПВ заслабне имунолошкиот систем, телото веќе не се бори против вирусот. Тоа го зголемува ризикот од појава на рак на грлото на матката.

ПАП тест – најдобрата заштита

Раното дијагностицирање на ракот на грлото на матката е особено значајно за лекувањето, тоа спасува многу животи. Секоја жена треба да практикува да посетува гинеколог барем еднаш годишно за спроведување на ПАП тест, колпоскопија и преглед со ултразвук. За жените кај кои што е утврдено дека постои абнормална промена на клетките на грлото на матката се препорачува да посетуваат гинеколог почесто.

ПАП тестот е безболен. Некои жени сметаат дека е малку непријатен. Преку овој тест, освен што може да се открие дали има присуство на ХПВ инфекција и дали има или не промена на клетките на грлото на матката, може да се утврди и хормоналниот статус на жената и постоењето на друга вагинална инфекција. Редовното земање на брисеви помага во раното откривање на абнормалностите на клетките на грлото на матката, кои што можат да доведат до развивање на рак.

Други начини да се заштитите од ова заболување се:

  • Користење на кондом – со тоа ги намалувате шансите за заразување со ХПВ, иако кондомот не го спречува пренесувањето на ХПВ;
  • Одложување на првиот сексуален однос;
  • Имање на помал број сексуални партнери;
  • Откажување од пушењето;
  • Вакцинирање против ХПВ – вакцината штити од најопасните типови на ХПВ вирусот. Таа е најефективна кај девојчињата кои до моментот на примање на вакцината немале сексуални односи.

Во Македонија допрва треба да се развива здравствената култура кај населението, особено на жените и младите девојки кои што треба многу да внимаваат на своето интимно здравје.

Информирајте се и не избегнувајте ги тестовите што спасуваат животи.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19731 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.