- Изнемоштеност во екстремитетите или парализа на едната страна на телото
- Темни точки на едното или обете очи, редуциран вид или двојно гледање
- Ненадејна/нагла силна главоболка
- Отежнат говор
Според податоците на Американското здружение за мозочен удар, на секои четири секунди по еден човек доживува мозочен удар, а секоја 40 минута едно лице починува од истата причина. Бројките се застрашувачки!
Но, што всушност претставува мозочниот удар и кои се причините кои доведуваат до негова појава?
Мозочниот удар е состојба на акутна исхемија на централниот нервен систем, која настанува поради прекин или редукција на интрацеребралната циркулација. Ова се должи на тромбоза, емболија или спазам или крварње на артерискиот крвен сад, кој во крајна мерка доведува до намалување на циркулацијата на одредена регија во зависност од подрачјето на васкуларизацијата и како резултат на тоа оштетување на мозочното ткиво.
Дефицитот на крвоснабдувањето доведува до намалување на кислородот или другите нутриенти во мозокот и води кон изумирање на мозочните клетки. Мозочната циркулација исто така може да биде засегната како резултат на руптурирана (пукната) артерија на мозокот.
Некои луѓе може да имаат само привремена исхемија на мозочната циркулација и состојба која се нарекува транзиторна исхемична атака (ТИА), која за среќа не доведува до трајни невролошки оштетувања.
Деведесет проценти (90%) од ударите се случуваат поради згрутчување на крвта, исхемични мозочни удари, настанати поради постоење на тромб во одреден дел од мозокот кој предизвикува изумирање на мозочното ткиво кое не може да преживее без кислород.
Како навреме да препознаеме мозочен удар имајќи предвид дека секоја секунда е важна во обид за намалување на оштетувачките ефекти на ударот? Каква е симптоматологијата, знаците кои треба да не упатат на барање итна лекарска помош?
Знаци и симптоми се следниве:
- Отежнат говор и отежната перцепција на околината, конфузност или сензорна афазија.
- Парализа или слабост на лицето, рацете или нозете. Ова често се случува само на едната страна од телото, а може да предизвика и асиметрија на усните.
- Проблеми со видот на едното или обете очи, редуциран вид или темни точки на едно или обете очи или двојно гледање.
- Главоболка – нагла силна главоболка која често се надополнува со повраќање, вртоглавица или пореметена свест.
- Отежнато одење – атаксија, губиток на координација или нагла слабост.
Кои се ризик факторите кои доведуваат до мозочен удар и кои се причините поради кои се повеќе млади луѓе страдаат од мозочен удар, истиот дури може да настане и во детската возраст?
Исхемичниот мозочен удар како најчест тип на мозочен удар, настанува поради внатрешни и надворешни фактори, модифицирачки и немодифицирачки коишто често се во комбинација.
Фамилијарната историја за мозочен удар, возраст од над 55 години, машкиот пол, предходната транзиторна исхемична атака (ТИА), некои хемоглобинопатии (српеста анемија), перзистентен форамен овале (ПФО), генетска мајорна тромбофилија – се немодифицирани фактори кои што индивидуата не може да ги смени, ниту суштински да им влијае. Затоа кај овие пациенти се потребни почести контроли како и избегнување на провокативни фактори или состојби или одредена терапија.
Модифицирачките фактори се: одржување на нормален крвен притисок под 130/80mm Hg, ниско ниво на холестерол во крвта, третман на кардиоваскуларните болести (перзистентен форамен овале, атријален септален дефект, митрална болест, aтријална фибрилација), контрола на периферната и каротидната болест или атеросклерозата, одржување на нормална телесна маса, прекин на пушењето, контрола на дијабетот, како и контрола на пациенти што имале подолга КОВИД инфекција.
Оваа се општи и специфични мерки кој треба да се спроведуваат кај пациенти што се во ризичната група. Тука не треба да се занемари и мигрената како предзнак за ТИА или мозочен удар и нејзината поврзаност со ПФО или интракранијална аневризма – најчеста причина за хеморагичен мозочен удар кај младите луѓе.
„Времето е мозок“ – зошто е битно да се интервенира во првите 2-3 часа по ударот и од што се состои третманот, терапијата на мозочен удар?
Должината на исхемијата, локализацијата на ударот како и присуството на колатерална циркулација се главни фактори за степенот и опсежноста на оштетувањето и понатамошниот инвалидитет. Доколу кај пациентот постои било кој од наведените симптоми потребно е да се побара лекарска помош. Во современата медицина постои синтагмата “time is brain”. Акутниот мозочен удар е акутна состојба која се третира во така наречените центри за мозочен удар при што од клучна важност е реперфузијата да се спроведе во првите 60-120 минути од почетокот на првите симптоми. Во Англосаксонската литература постои акронимот кој значи брзо или „FAST“ (face, arms, speech, time). Пациентите се едуцирани и информирани за раните симптоми на мозочниот удар и со брз и содветен третман во центар за мозочен удар, можно е огромно намалување на степенот на инвалидитет. Центрите за мозочен удар всушност претставуваат специјализирани институции во кои што работат невролози, неврорадиолози, интервентни радиолози и кардиолози. Тие со медикаментозен третман – фибринолиза или механичка тромбектомија, тимски, и во зависност од степенот на невролошкиот дефицит (мерен согласно Глазгов кома скала) го третираат мозочниот удар, со што се намалува невролошкиот дефицит.
Предупредување за мозочен удар понекогаш доаѓа во форма на транзиторна исхемична атака (ТИА) која трае помалку од 24 часа и не остава последици. Зошто не смееме да го занемариме овој т.н. скриен мозочен удар, кој рецидивира во огромен број на случаи?
Транзиторната исхемична атака (ТИА) е привремен период на симптоми слични на оние на мозочниот удар која трае само неколку минути и не предизвикува трајно оштетување. Често се нарекува и мини строук (мини удар), ТИА е предупредувачки знак бидејки 30% од луѓето со ТИА ќе развијат мозочен удар во првата година од првиот настан. Таа е секогаш причина за понатамошно испитување со цел превенција од нов мозочен удар.
Свеста за превентивни прегледи кај нас е се уште на ниско ниво, а токму тие спасуваат животи. Кои се Вашите препораки за превенција на мозочен удар?
Основни услови за примарна превенција за настанок на мозочен удар се: скрининг на ризичната популација, одржување на хигиено-диететски режим, ран третман на атеросклерозата, превенција на атријалната фибрилација и нејзината терапија, воведување на протокол за третирање на транзиторната исхемична атака според возраста, влијание на модифицирачките фактори на живеење.
Терминот „cryptogenic stroke“ треба да се напушти бидејки доколку секој пациент се подвргне на протокол за дијагностика на мозочниот удар ќе добие соодветна дијагноза за етиологијата и истовремено ќе се превенира можноста за нов настан.
Генерално во детската и раната адолесцента возраст треба да се бараат причините за тромбофилијата, перзистентниот форамен овале како и интракранијалните аневризми. Истото важи и за младите луѓе на возраст од 20 до 50 години. Кај оваа старосна група битно е да се зголеми нивото на здравствената култура со влијание на модифичирачките фактори како и скрининг кон атријалната фибрилација и слип апнеата.
По петтата деценија од животот, за да се намали ризикот за мозочен удар, треба да се зголемат напорите за превенција на атеросклерозата, каротидната болест, дијабетот и хипертензијата, валвуларните болести на срцето.
Матичните лекари, кардиолозите и невролозите од друга страна, не треба да застанат кај фактот дека пациентот по транзиторна исхемична атака или мозочен удар има речиси нормална нативна компјутерска томографија на мозокот бидејќи тоа не значи многу за прогнозата на тој пациент. Напротив кај истиот треба интензивно да се бараат причините и тие да се превенираат. Се разбира дека магнетната резонанца дава многу попрецизни податоци за типот и опсежноста на повредата на мозокот. Пациентот треба топично- целно да се подвргне под протокол за дијагностицирање, пред да се постави било каква претпоставка или дијагноза.
Во суштина, превентивната медицина е најекономична, бидејќи таа спречува појава или рецидив на мозочниот удар или транзиторната исхемична атака.
Доцна е кога ќе настапат последиците т.е инвалидитетот, тоа е катастрофална состојба како за фамилијата на пациентот, така и за целото општество.
Мозочен удар и можни решенија
Мозочниот удар претставува состојба при која поради прекин или недоволно снабдување на мозокот со крв и кислород, мозочните клетки почнуваат да умираат. Умирањето на мозочните клетки е неповратен процес и во голем дел од случаите завршува до делумна или целосна парализа т.е онеспособеност за живот, па и смрт.
Меѓу причините кои можат да доведат до оваа состојба водечко е заболувањето познато како атеросклерозата на каротидните артерии. Поточно станува збор за каротидна бифуркација, каде заедничката каротидна артерија се дели на внатрешна и надворешна каротидна артерија.
Добро е да се знае дека постои решение. Станува збор за примена на минимално инвазивен пристап во хируршкото лекување на атеросклерозата на каротидните артерии, при кој се враќа протокот на крвта во мозокот.
Како да препознаете мозочен удар?
Мозочниот удар може да се манифестира на неколку различни начини. Кај полесните форми, мозочниот удар може да доведе до симптоми како: парализа на едната половина од телото и лицето, отежнат говор, отежнато голтање, тешкотии со дишењето, губиток на видот, непрепознавање на лицата и целосно губење на говорот. Може исто така да се забележат и одредени случаи на тешка форма на поспаност, па дури и кома.
Во најтешката форма, мозочниот удар може да предизвика моментална смрт.
Неопходна дијагностика
При појава на било кој од овие симптоми, потребно е веднаш да се оди на лекар, да се направат брзи неопходни иследувања кои вклучуваат доплер ехографија и секако компјутеризирана томографија со ангиографија на каротидните артерии.
Брзите иследувања се неопходни со цел да се започне навремено лекување на акутниот мозочен удар, а со тоа и спасување на оштетеното мозочно ткиво, што ќе овозможи враќање на пациентот во првобитната состојба.
За да се има подобар успех во лекувањето, потребно е иследувањата да се завршат во првите 6 до 12 часови. Доколку пациентот во минатото има преживеано мозочен удар, повторно треба да се направат нови испитувања. Тие вклучуваат: компјутеризирана томографија со ангиографија на каротидните артерии и магнетна резонанца на мозокот.
Изведување на зафатот
По направената дијагностика, се пристапува кон хируршко лекување на атероклерозата на каротидната бифуркација со цел да се превенира појава на нов мозочен удар, кој би можел да биде и фатален, или да доведе до потежок или полесен инвалидитет.
Хирушкото лекување се употребува во хроничните форми на прележани мозочни удари со атеросклероза на каротидната бифуркација, и секако во акутните форми на мозочен удар. Со хируршкото лекување се отстранува атеросклеротскиот плак (наслага) од каротидната бифуркација и од внатрешната каротидна артерија која директно ја снабдува со крв соодветната страна од мозокот.
Атеросклеротските плаки (наслаги) можат да бидат калцифицирачки, мешани и најопасните таканаречени меки плаки, кои носат голем ризик за најтешка форма на мозочен удар. Кај последниот вид, постои индикација на побрза интервенција, дури и на помали стеснувања на внатрешната каротидна артерија кои се откриваат при компјутеризираната ангиографија.
Оперативниот пристап до каротидната бифуркација на левата или десната страна од вратот се планира во зависност од наодот на компјутеризираната ангиографија. Оперативниот рез е со големина од околу 2 сантиметри, поставен согласно наборите на вратот, за да по заздравувањето на раната истиот да биде невидлив, односно да се сокрие во наборите на вратот.
Предности од минимално инвазивното хируршко лекување
Не е само оперативниот рез минимално инвазивен. Се употребува и минимално инвазивен пристап и во анестезијата. Оперативната интервенција се изведува во блок анестезија или таканаречена локална анестезија, со давање анестетик директно во пределот на оперативната интервенција, без да се употребува општа ендотрахеална анестезија.
Постојат повеќе предности при користење на оваа локална анестезија. Со избегнување на општата анестезија, се избегнува користење на многу лекарства, интубација и механичка вентилација. Нема долго будење во интензивна нега со можност за хемодинамска дестабилизација. Воедно се избегнуваат и сите компликации што се поврзани со нив. Се скратува и времето на престој во болница. Доколку операцијата се изврши наутро, а пациентот биде стабилен, тој уште истата вечер може да се пушти дома.
За време на оперативната постапка, пациентот е буден и комуницира со лекарите и сестрите, на тој начин во текот на оперативната интервенција се мониторира невролошки дали се е во ред и крајниот резултат од истата е јасен. Неврлошката проценка е невозможно да се изведе кај заспан пациент во општа анестезија. Истиот можеме невролошки да го процениме дури откако ќе се разбуди, по поминати неколку саати од завршената оперативна интервенција. Ако кај него, по извршената оперативна интервенција во општа анестезија, се утврди невролошки дефицит, потребно е да се интервенира повторно, а можно е да биде поминато таканареченото златно време за интервенција, односно временската рамка во која може да се спаси оштетеното мозочно ткиво.
Овој нов минимално инвазивен пристап во третманот на каротидната атеросклероза дава уште една предност: период на опоравување кај овие пациенти е многу пократок. Ова значи дека можат многу побрзо да се вратат на секојдневниот начин на функционирање. Нема потреба од контрола на раната или вадење на конци бидејќи истите не се користат во затворање на раните. Раната може да се тушира следниот ден.
Побрзото опоравување дозволува и планирање на евентуални следни оперативни интервенции многу побрзо. Зошто е тоа важно? Од причина што обично овие пациенти имаат и проблеми со срцето и крвните садови на нозете, бидејќи атеросклерозата е обично генерализирана состојба.
Овој минимално инвазивен пристап во лекување на атеросклерозата на каротидните артерии во „Жан Митрев Клиника“ се применува како рутински зафат. Досега се оперирани повеќе од 5000 пациенти на овој начин, со одлични резултати. За дополнителни информации, лекарите од Клиниката ви стојат на располагање.
Комерцијален текст