Листериозата е инфекција која најчесто се јавува како резултат на консумирање на контаминирана храна со бактеријата Listeria monocytogenes. Оваа бактерија може да се најде во почвата, водата и фецесот на животните. За разлика од повеќето бактерии, Listeria monocytogenes може да преживее и често да се мултиплицира на температура под 5°С. Тоа значи дека постои можност бактеријата да се размножува кај храната која се чува во фрижидер и да достигне ниво доволно за да предизвика инфекција.
Човекот во организмот најчесто ја внесува преку:
- Контаминирано животинско месо;
- Непастеризирано контаминирано млеко;
- Храна која е приготвена со непастеризирано контаминирано млеко;
- Меко младо сирење (фета, Camembert, Brie и др.);
- Контаминиран зеленчук и овошје.
Листериозата има време на инкубација од 3 до 70 дена.
Симптоми
Кај возрасните и децата со некомпромитиран, односно здрав имун систем најчесто болеста се манифестира со блага симптоматологија која трае неколку дена како:
- Висока температура над 38°С;
- Гадење и повраќање;
- Треска;
- Дијареја;
- Болка во мускулите.
Доколку инфекцијата го зафати нервниот систем и предизвика менингоенцефалитис, станува збор за тешка форма на листериоза, при која освен горенаведените, се јавуваат и следниве симптоми и знаци:
- Силни главоболки;
- Конфузија и нарушување на свеста;
- Вкочанет врат;
- Нарушување на рамнотежата;
- Конвулзии.
Во овој случај потребна е итна медицинска помош и давање соодветна антибиотска терапија, бидејќи може да дојде до летален исход.
Кои се ризични групи?
Луѓе кои имаат поголем ризик да заболат од тешка форма на листериоза се:
- Бремени жени и нивниот плод;
- Новороденчиња;
- Возрасни над 60 години;
- Возрасни и деца со ослабен имун систем (причина може да биде малигно заболување, дијабетес, СИДА, болест на бубрезите или црниот дроб, примање одредени лекови како кортикостероиди и др.).
Превенција
Со цел превенција на листериозата, практикувајте ги следниве совети:
- При купување намирници, издвојте го месото и рибата од останатата храна и спакувајте ги посебно. Откако ќе завршите со пазарење, веднаш вратете се дома и ставете ја храната во фрижидер.
- Пред да започнете со приготвување на храната, добро измијте ги рацете со топла вода и сапун. Пожелно е да користите две даски за сечење додека приготвувате – едната за свежиот зеленчук, а другата за месото, месните и млечните продукти.
- Откако ќе завршите, добро измијте го приборот (ножевите, даската за сечење) кој го користевте за приготвување.
- Темелно мијте го свежиот зеленчук и овошје.
- Чувајте ја храната во фрижидер на температура од 4°С и пониска. Listeria monocytogenes може да се размножува на пониска температура, затоа секогаш одржувајте го вашиот фрижидер чист.
- Доколку претоплувате остатоци од храна, загревајте ги на температура повисока од 75°С.
- Доколку не сте сигурни за квалитетот и безбедноста на храната, подобро отстранете ја и не ја консумирајте.