Почетна » Здравје » Заболувања » Д-р Марија Костадиновска: Деменција – Како да ги препознаете симптомите?

Д-р Марија Костадиновска: Деменција – Како да ги препознаете симптомите?

Во моментов над 55 милиони луѓе ширум светот имаат деменција, од нив над 60% живеат во земји со низок и среден приход. Секоја година оваа бројка се зголемува со речиси 10 милиони нови случаи.

Деменцијата е резултат на различни болести и повреди кои влијаат на мозокот. Алцхајмеровата болест е најчеста форма на деменција и може да придонесе за 60-70% од случаите.

Деменцијата моментално е седма водечка причина за смрт и една од главните причини за инвалидитет и зависност од грижа кај постарите луѓе на глобално ниво.

Деменцијата е термин за неколку болести кои влијаат на меморијата, размислувањето и способноста за извршување на секојдневните активности. Болеста се влошува со текот на времето. Деменцијата главно ги погодува постарите луѓе. Секако, не сите луѓе кои стареат страдаат од оваа болест.

Жан Митрев

Кои се главните фактори за појава на деменција?

  • Возраст (почесто на возраст од 65 години или постари);
  • Висок крвен притисок (хипертензија);
  • Висок крвен шеќер (дијабетес);
  • Прекумерна тежина, односно дебелина;
  • Пушењето;
  • Пиење премногу алкохол;
  • Физичка неактивност;
  • Социјална изолираност;
  • Депресија.

Деменцијата е синдром кој може да биде предизвикан од голем број на болести или штетно однесување кое со текот на времето ги уништуваат нервните клетки и го оштетуваат мозокот. Овие оштетувања обично доведуваат до влошување на когнитивната функција (т.е. способноста за обработка на мислата) повеќе од тоа што може да се очекува од вообичаените последици од биолошкото стареење. Свеста не е засегната, оштетувањето во когнитивната функција е обично придружено, а понекогаш и претходи, со промени во расположението, однесувањето, мотивацијата или емоционалната контрола.

Деменцијата има физички, психолошки, социјални и економски влијанија, не само за луѓето кои живеат со деменција, туку и за нивните негуватели, семејства и општеството во целина. Често постои недостаток на свест и разбирање за деменцијата, што резултира со стигматизација и бариери за дијагноза и нега.

Што е тоа што може да укаже дека лицето боледува од деменција?

Промените во расположението и однесувањето понекогаш се случуваат дури и пред да се појават проблеми со меморијата. Симптомите се влошуваат со текот на времето. На крајот, на повеќето луѓе со деменција ќе им треба помош од други за извршување на секојдневните активности.

Раните знаци и симптоми се:

  • Заборавање на работи или неодамнешни настани;
  • Губење или погрешно поставување работи;
  • Губење при одење или возење;
  • Збунетост, дури и на познати места;
  • Губење на чувството за времето;
  • Тешкотии при решавање проблеми или донесување одлуки;
  • Проблеми при разговор или проблеми со наоѓање зборови;
  • Тешкотии при извршување на познати задачи
  • Визуелно погрешно проценување на растојанијата до предметите.

Вообичаените промени во расположението и однесувањето вклучуваат:

  • Чувство на вознемиреност, тага или лутина поради губење на меморијата;
  • Промени на личноста;
  • Несоодветно однесување;
  • Повлекување од работа или социјални активности;
  • Помала заинтересираност за емоциите на другите луѓе.

Деменцијата влијае на секој човек на различен начин и зависат од основните причинтели за појава, други здравствени проблеми и когнитивното функционирање на лицето пред да се разболи.

Повеќето симптоми се влошуваат со текот на времето, додека други може да исчезнат или да се појават само во подоцнежните фази на деменција. Како што болеста напредува, потребата за помош за лична нега се зголемува. Луѓето со деменција можеби нема да можат да ги препознаат членовите на семејството или пријателите, да развијат потешкотии при движењето, да изгубат контролата врз мочниот меур, да имаат проблеми со јадење и пиење и да доживеат промени во однесувањето, како што се агресија кои се вознемирувачки за лицето со деменција, како и оние околу нив.

Жан Митрев

Вообичаени форми на деменција

Деменцијата е предизвикана од многу различни болести или повреди кои директно и индиректно го оштетуваат мозокот. Алцхајмеровата болест е најчеста форма и може да придонесе за 60-70% од случаите. Други форми вклучуваат васкуларна деменција, деменција со тела на Луи (абнормални депозити на протеини во нервните клетки) и група на болести кои придонесуваат за фронтотемпорална деменција (дегенерација на фронталниот лобус на мозокот). Деменцијата може да се развие и по мозочен удар или во контекст на одредени инфекции како ХИВ, како резултат на штетна употреба на алкохол, повторливи физички повреди на мозокот (познати како хронична трауматска енцефалопатија) или недостатоци во исхраната. Границите меѓу различните форми на деменција се нејасни и мешаните форми често коегзистираат.

Третман и нега

Не постои лек за деменција, но може да се направи многу за да се поддржат и луѓето кои живеат со оваа болест и оние кои се грижат за нив.

Луѓето со деменција можат да преземат чекори за одржување на квалитетот на нивниот живот и промовирање на нивната благосостојба со:

  • Одржување на физичка активност
  • Учество во активности и социјални интеракции кои го стимулираат мозокот и ја одржуваат секојдневната функција.
  • Примена на лекарства кои го успоруваат процесот на напредување на деменција.

Грижата за металното здравје започнува и пред да се појават симптоми за некое душевно страдање. Може да закажете консултација или психијатриски преглед кај д-р Марија Костадиновска, специјалист по психијатрија на: 02/3091-484.

Медицина

М-р д-р Марија Костадиновска
Специјалист по психијатрија
„Жан Митрев Клиника“ – Скопје

Жан Митрев

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19656 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.